Чекањето за трофеј на Тотенхем ќе продолжи, откако Манчестер сити со доцниот гол на Ајмерик Лапорт стигна до 1:0 победа во финалето на Карабао купот (англискиот лига куп) на „Вембли“, во меч со кој се одбележува враќањето на фановите на англиските стадиони (иако овојпат само 8.000).
Ова е прва од трите титули кои тимот на Пеп Гвардиола може да ги освои оваа сезона, откако трофејот од Премиер лигата им е практично обезбеден, а играат и во полуфиналето на Лигата на шампионите во „судирот на богаташите“ со Пари Сен-Жермен. Покрај тоа, „граѓаните“ како да се преплатија на Карабао купот, освојувајќи го четири пати едноподруго.

