16 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕНова студија: Повеќе од 500 гени се поврзуваат со депресијата и анксиозноста

Нова студија: Повеќе од 500 гени се поврзуваат со депресијата и анксиозноста

Една нова студија предводена од истражувачи од Институтот за медицински истражувања КИМР Бергхофер во Австралија идентификува 509 гени кои се поврзуваат депресијата и анксиозноста.

Од две лица со дијагностицирана депресија, едното од нив во одреден период од животот ќе доживее анксиозно пореметување, пренесува Science Alert.

Иако предизвикувачите за секоја состојба се несомнено сложени, јасно е дека гените кои ги наследуваме можат да играат голема улога кога станува збор за менталното здравје.

„Досега не се знаеше многу за генетските причини зошто луѓето можат да страдаат и од депресија и од анксиозност“, рече психијатрискиот генетичар Еске Деркс од КИМР Бергхофер.

Терминот „анксиозно пореметување“ опфаќа категорија на тесно поврзани состојби, како што се панично растројство и разни фобии. Сите овие состојби имаат заедничко чувство на напнатост и вознемиреност, честопати придружено со физиолошки промени како што е зголемување на крвниот притисок.

Од друга страна, депресијата се дефинира со симптоми кои вклучуваат намалена мотивација, чувство на тага и губиток на уживање, а во екстремни случаи, мисли за самоповредување и самоубиство.

Приближно два до шест проценти од глобалната заедница во кое било време има дијагностицирана депресија, што ја прави не само најголем придонесувач за лошото ментално здравје, туку и еден од најголемите здравствени проблеми кои влијаат на современото општество воопшто.

Слично на тоа, анксиозните пореметувања исто така го нарушуваат секојдневниот живот на стотици милиони индивидуи низ целиот свет. Комбинацијата на овие две состојби има значително влијание врз нашиот вид.

„Двете нарушувања се многу коморбидни состојби, бидејќи околу три четвртини од луѓето со анксиозни нарушувања, исто така, покажуваат симптоми на големо депресивно нарушување“, вели Деркс.

Користејќи геномски податоци од повеќе од 400.000 учесници од британската биобанка, истражувачкиот тим барал гени заеднички за обете состојби, како и знаци на личноста тесно поврзани со секој – невротизам.

Претходните истражувања покажуваат дека околу 40 проценти од варијациите во невротизмот можат да се објаснат со нашите гени. Многу исти фактори се преклопуваат со гените кои веќе се поврзани со анксиозност и депресија.

Ова ни покажува дека има врска, но за подобро разбирање како изгледаат овие фактори на физиолошко ниво, истражувачкиот тим ги групира геномите во биобанката според список од 28 индивидуални и вообичаени особини, применувајќи алатки за моделирање за да пронајдат заеднички фактори пред идентификување на поврзани гени.

Нивните резултати биле тестирани на уште поголема база на податоци од 1,9 милиони лица со пријавени симптоми на анксиозност и депресија, давајќи им комплетна листа на генетски фактори.

„Идентификувавме 674 гени поврзани или со депресија или со анксиозност, и што е најважно, околу три четвртини од тие гени беа заеднички“, рече Деркс.

Пристап фокусиран на симптоми го отвора патот за точна студија за тоа што некои од нас, од генетска перспектива се изложени на поголем ризик за секоја состојба.

На пример, некои гени единствени за депресија, претходно биле поврзани со повисоки нивоа на триглицериди во крвта, што укажува на метаболичка врска во депресијата што не е присутна кај анксиозните нарушувања.

„Спротивно на тоа, нашите резултати покажаа дека некои гени специфични за анксозност се поврзани со крвниот притисок, што е во согласност со претходните истражувања кои покажаа врска помеѓу нарушувањето и хипертензијата“, вели генетичарот и главен автор Џексон Торп.

Во продолжение на студијата, истражувачите откриле и локации на гени во региони кои претходно не биле поврзани со какво било нарушување, давајќи основа за проучување на гените.

Помина времето кога се очекуваше откривање на еден ген одговорен за нарушувања во менталното здравје, сложени како депресија и анксиозност.

Дури и список од стотици секвенци нема да ни даде целосен увид во тоа зошто некои од нас доживуваат хронично лошо расположение или долги периоди на интензивна загриженост.

Ова истражување е објавено во списанието Nature Human Behavior.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП