23 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПроизводителот на телевизори „Vizio“ имаше слабо деби на пазарот

Производителот на телевизори „Vizio“ имаше слабо деби на пазарот

Производителот на паметни телевизори „Vizio Holding“, поддржан од единици на тајванската „Foxconn Technology Group“, забележа пад од 9% на берзата по слабата почетна јавна понуда, пишува „Bloomberg“.

Акциите на „Vizio“ започнаа со тргување со 17,50 долари откако при ИПО-то се продаваа за 21 долари. Компанијата и некои инвеститори во средата продадоа 12,25 милиони акции за да соберат 257 милиони долари.

Акциите го завршија тргувањето во Њујорк по цена од 19,10 американски долари, со што на компанијата и дадоа пазарна капитализација од 3,5 милијарди долари.

„Тука сме да им обезбедиме долгорочна вредност на акционерите. Денешниот пазар е нестабилен. Пазарот е таков каков што е“, рече основачот и извршен директор Вилијам Ванг во едно интервју.

„Vizio“ аплицираше за почетна јавна понуда во 2015-та година, но следната година се откажа од својот план, склучи договор за продажба на компанијата за 2 милијарди долари. Конечно, во 2017-та година, „Vizio“ одлучи да го откаже договорот со една од подружниците на кинеската „Leshi Internet & Technology“.

Компанијата со седиште во Калифорнија соопшти дека продала 7,1 милиони паметни телевизори во 2020-та година, што е за 20% повеќе од претходната година. Неговите уреди се продаваат преку Интернет, вклучително и на „Amazon.com“ и во физички продавници како што се „Walmart“, „Tagret“, „Best Buy“ и „Costco“.

Иако овие продажби носат најголем дел од приходите на „Vizio“, нејзината забавна платформа рапидно расте. „Platform+“ е вклучена во оперативниот систем „SmartCast“.

Минатата година компанијата оствари нето добивка од 102 милиони долари со повеќе од 2 милијарди приходи, во споредба со профитот од 23 милиони и приходот од 1,8 милијарди долари во 2019-та година, според документите поднесени до регулаторите. Само 147 милиони долари приходи за 2020-та година се од платформата за забава, а остатокот од продажбата на уреди, соопшти компанијата.

Ванг вели дека очекува промените во животниот стил во текот на изминатата година да продолжат откако пандемијата ќе се повлече и Американците ќе останат фокусирани на домашната забава, вклучувајќи платформи за стриминг како таа на „Vizio“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП