Фаворитите Англија и Италија постигнаа убедливи победи на стартот на квалификациите за Светското првенство во Катар во 2022 година, додека Шпанија одигра само 1:1 со Грција дома, додека камбекот на Златан Ибрахимовиќ во шведската репрезентација беше одбележан со фантастична асистенција за 1:0 победа над Грузија.
Англичаните на „Вембли“ ги пречекаа аматерите од Сан Марино, со кои немаа мака и стигнаа до 5:0 победа со двата гола на Доминик Калверт-Луин и погодоците на Рахим Стерлинг, Џејмс Ворд-Прауз и Оли Воткинс (во своето деби за „трите лава“). Италија со двата гола во првото полувреме на Доменико Берарди и Чиро Имобиле стигна до 2:0 победа над Северна Ирска, а од фаворитите, само Шпанија изгуби неочекувани бодови со Грција одигрувајќи 1:1. Алваро Мората ги донесе во водство Шпанците, пред Грците да израмнат од пенал во второто полувреме.

