Пол Погба се врати во акција и покажа колку може да вреди за Манчестер јунајтед, постигнувајќи го единствениот гол за 1:0 победа над Милан на „Сан Сиро“ и пласман во четврт-финалето на Лига Европа. Таму, очекувано се и Вилјареал и Ајакс по новите победи, но новиот шкотски шампион Ренџерс доживеа „колапс“ дома на „Ајброкс“ и загуби со 0:2 од чешка Славија Прага.
„Ѓаволите“, кои во Милано играа со дресови кои многу наликуваат на тие на Јувентус, дојдоа во водство во 49. минута, кога Погба најдобро се снајде во мешаницата пред голот на Џиџи Донарума, откако влезе во игра на стартот на второто полувреме. Во првиот меч на „Олд Трафорд“, Милан во самиот финиш постигна гол за 1:1 реми, но сега ја продолжува лошата низа на резултати.

