Јувентус се доближи на седум поени разлика од првото место на Интер, откако потешко од очекувањата со 3:0 ја совлада незгодната Специја, во меч во кој Кристијано Роналдо стана првиот фудбалер кој 12 години едноподруго во европските топ 5 лиги има барем 20 гола по сезона.
Откако во првото полувреме, само Кристијано Роналдо во финишот успеа да има вистинска шанса за „бјанконерите“, во второто полувреме, конечно, беше скршен отпорот на гостите. Прво повратникот во тимот Алваро Мората во 62. минута од мечот ги донесе Јуве во водство (по проверка на ВАР системот), а потоа во 71. минута, Федерико Киеза осигура бодовите да останат во Торино. На крајот, мечот го круниса Кристијано Роналдо во 89. минута од мечот, што беше негов фасцинантен 20. гол оваа сезона во Серија А, каде што е најдобар стрелец.

