Финскиот производител на телекомуникациска опрема „Nokia“ објави приход и профит поголем од очекуваниот во четвртиот квартал, поддржан од стратешките промени направени од новиот извршен директор Пека Лундмарк.
„Nokia“ соопшти дека за кварталот од октомври до декември нејзините приходи паднале за 5 проценти на 6,57 милијарди евра, но се над консензуалната прогноза од 6,42 милијарди евра, според „Refinitiv“.
За четвртиот квартал, „Nokia“ објави намалување на заработката на 0,14 евра по акција од 0,15 евра по акција пред една година. Сепак, износот е над консензуалната прогноза од 0,11 евра по акција.
Финскиот гигант предвидува дека приходите за 2021-ва година ќе паднат и ќе се движат од 20,6 милијарди до 21,8 милијарди евра. За споредба, во 2020-та година тие беа 21,9 милијарди евра.
Оперативната маргина ќе биде помеѓу 7% и 10%, откако минатата година достигна 9,7%.
Ландмарк го презеде водството на „Nokia“ во август по серијата грешки на компанијата, што ја натера да заостане зад шведскиот ривал „Ericsson“ и кинеската групација „Huawei“ во трката за освојување зделки за продажба на опрема за мрежата 5G.
Во текот на изминатите две недели, акциите на „Nokia“ претрпеа големи флуктуации во цените, бидејќи беа погодени од лудилото на пазарот поврзано со „GameStop“ и други технолошки компании.