2 мај, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕГојазан е секој десетти жител на планетата

Гојазан е секој десетти жител на планетата

2,2 милијарди деца и возрасни страдаат од вишок килограми, додека дебелината го мачи секој десетти жител на планетата. Дури четири милиони смртни случаи ширум светот во 2015 година беа поврзани со прекумерната тежина, иако 40 проценти од тие луѓе не се сметаа за клинички дебели. Ова се податоци од сеопфатната студија за здравствени ефекти на вишокот килограми во 195 земји, што укажува на растечка и вознемирувачка криза во јавното здравство.

Највисока стапка на гојазност кај децата и младите од 13 проценти беше забележана во САД, додека највисока стапка меѓу возрасните е во Египет, дури 35 проценти. Од друга страна, во Бангладеш и Виетнам се дебели само еден процент од населението.

Од 1980 година, бројот на дебели е двојно зголемен во 73 земји. Студијата, исто така, покажа дека стапката на гојазност се зголемува побрзо кај децата отколку кај возрасните, поради што експертите дополнително се загрижени. Иако овие истражувачи не се занимаваа со причините за утврдените трендови, тие забележаа дека болеста е во пораст во сите земји, без оглед на нивното богатство или на износот на приходот на населението.

Гојазни се сметаат оние со индекс на телесна маса од 30 и повеќе, додека за секој со индекс на телесна тежина од 25 до 30 велат дека има вишок на килограми. Индексот на телесна тежина го покажува степенот на исхрана и се пресметува кога тежината во килограми се дели со квадрат на висината изразена во метри.

Во студијата во која се анализирани податоци собрани од 1980 до 2015 година учествувале 2.300 експерти предводени од тимот од Институтот за здравствени метрики и евалуација на Универзитетот Вашингтон во Сиетл.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП