Српскиот центар Никола Јокиќ комплетно доминираше во триумфот на неговиот Денвер над Портланд од 116-111. Тој постигна рекордни за него сезонава 40 поени, имаше и 10 скока, а само еден поен го делеше од најдобриот поентерски ефект во кариерата.
Џамал Мареј со 24 поени го следеше Јокиќ во тимот на Денвер кој и натаму ја предводи Западната конференција со биланс од 29/13. Кај Портланд кој е четвртопасиран на Запад со ефект 26/18, Демијан Лилард со 26 поени беше прв стрелец.
Стеф Кари ги постигна последните седум поени на натпреварот и ја донесе победата на Голден Стејт во неизвесната пресметка со Далас од 119-114. Кари постигна 48 поени во 29 победа на актуелниот шампион кој само поради тоа што има еден пораз повеќе од Денвер е на втората позиција на Запад.
Кај Далас вообичаено, Лука Дончиќ беше прв стрелец, постигна 26 поени и стана само вториот дебитант во лигата кој врзал серија од четири натпревари со повеќе од 25 поени. Единствен на кој претходно му успеало тоа е неговиот ноќешен противник на теренот Стеф Кари во 2010 година.
Кливленд го искористи отсуството на поранешната ѕвезда на клубот во тимот на Лос Анџелес Лејкерс и конечно успеа да ја прекине црната серија од 12 последовни порази славејќи тесно над тимот од „ѕвездениот град“ со 101-95. Џеди Осман со 20 поени беше прв стрелец во успехот. Овој триумф на му менува многу на Кливленд со оглед дека со биланс од 9/35 останува закован на дното во Источната конференција.
Лејкерс пак паднаа надвор од позициите кои водат во плеј-офот, а се поради отсуството на Леброн Џејмс. Тој се повреди во средината на декември и и натаму нема прецизна информација кога би се вратил во тимот.