Лука Дончиќ од ден во ден, од меч во меч сè повеќе ги освојува срцата на НБА фановите. Младата словенечка сензација ноќва постави нов личен рекорд во најквалитетното кошаркарско натпреварување на светот, откако на мечот меѓу Далас Маверикс и Лос Анџелес Клиперс постигна 32 поени, но сепак недоволни за победа на својот тим.
Маверикси на крај загубија со 125-121, и го запишаа 15-от овосезонски неуспех, а покрај Дончиќ, кој додаде уште пет асистенции, четири скока и една украдена топка, во редовите на поразената екипа солидни беа уште Бареа со 16 и Џордан со 11 поени и дури 22 скока.
Во таборот на Клиперски фантастичен меч имаше Гилинари со 32 поени, Вилијамс додаде 26, а Харел 18 поени.
Ноќва, од програмата на НБА лигата се одигра уште еден натпревар, на кој Мајами Хит извојува минимална победа од 101-99 над тимот на Хјустон Рокетс.