19 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОИнтер со реми против Барса, Наполи се врати против ПСЖ, Ливерпул загуби...

Интер со реми против Барса, Наполи се врати против ПСЖ, Ливерпул загуби во Белград

Двете големи италијански пресметки од Лигата на шампионите во Италија во вторникот завршија без победник, откако Интер успеа во финишот на мечот да се врати за 1:1 реми против моќната Барселона, додека малку појужно во Неапол, Наполи се врати за 1:1 реми со фаворизираните Пари Сен-Жермен, правејќи компликувана ситуација во групата Ц.

Интер сакаше да се одмазди за поразот на „Ноу Камп“ во претходното коло, но пропушти доста шанси во двете полувремиња, пред во 83. минута од мечот, Малком, засилувањето на Барса кое не покажа многу од доаѓањето во клубот да донесе водство само две минути од влегувањето во игра. Но, Интер не се предаде и во 87. минута преку капитенот Мауро Икарди дојде до израмнување.

Тотенхем остана во игра за пласман понатаму по драматичната 2:1 победа над ПСВ Ајндховен, откако Хери Кејн постигна два гола за десет минути во финишот на натпреварот за да ја поништи предноста која холандскиот клуб ја имаше од првото полувреме.

На Наполи пак, му беше потребен гол од пенал за да се врати за 1:1 реми против Пари Сен-Жермен, кои дојдоа во водство со голот на Хуан Бернат на крајот на полувремето. Спасител на „партенопеи“ беше Лоренцо Инсиње со гол од белата точка во 63. минута.

Со овој поен, Наполи остана лидер во групата Ц со шест поени, колку што има и второпласираниот Ливерпул, но во игра се и ПСЖ со пет поени и Црвена звезда со четири поени, ветувајќи интересни последни две кола.

Во групата А, Атлетико Мадрид врати за понижувачкиот 4:0 пораз од Борусија во минатото коло со лесна 2:0 победа, со која двата клуба остануваат на врвот на групата, и практично се веќе во осминафиналето на ЛШ посебно по катастрофата на Монако против Бриж.

Во „најнеатрактивната“ група во ЛШ, Шалке со 2:0 го совлада тимот на Галатасарај да остане на второто место на табелата пред лидерот Порто, кој со убедливи 4:1 славеше против Локомотив Москва.

Првите два меча од Лигата на шампионите оваа недела донесоа навистина изненадувачки резултати – Црвена звезда благодарение на Милан Павков го победи Ливерпул со 2:0, додека мизеријата на Монако продолжи и под водство на Тјери Анри, откако, тимот од кнежевството доживеа домашна катастрофа од 0:4 од Клуб Бриж!

Црвена звезда своите први настапи во Лигата на шампионите по речиси 3 децении ги започна со едно домашно реми (0:0 против Наполи) и два високи гостински порази (6:1 од ПСЖ и 4:0 од Ливерпул), така што малкумина ќе се обложеа дека домашниот меч со Ливерпул ќе го добијат.

Сепак, првото полувреме целосно му припадна на поранешниот европски шампион, и тимот на Јирген Клоп го доживеа вториот пораз оваа сезона во ЛШ. Човек на одлука беше 24-годишниот Милан Павков кој во неполни 10 минути во првото полувреме ги „здрви“ фаворитите од Англија.

Во 22. минута од мечот, Павков беше највисок во скокот по корнерот на Марин за 1:0, а во 29. минута од огромна далечина истиот фудбалер да постигне фантастичен гол за 2:0. Ливерпул во второто полувреме имаше повеќе од играта, но не успеа да постигне гол.

Во Монако пак, „црно“ му се пишува и на Тјери Анри, кој беше донесен како „спасител“ на поранешниот француски шампион, а наместо тоа доживува историски порази. Бриж го начека тимот во криза и му даде четири гола на „Луј втори“ за неверојатен пораз.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 4.КОЛО

ГРУПА А

Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд 2:0

Монако – Клуб Бриж 0:4

Табела: 1. Борусија Д. 9, 2. Атлетико М. 9, 3. Бриж 4, 4. Монако 1

ГРУПА Б

Интер – Барселона 1:1

Тотенхем – ПСВ Ајндховен 2:1

Табела: 1. Барселона 10, 2. Интер 7, 3. Тотенхем 4, 4. ПСВ 1

ГРУПА Ц

Наполи – Пари Сен-Жермен 1:1

Црвена звезда – Ливерпул 2:0

Табела: 1. Наполи 6, 2. Ливерпул 6, 3. ПСЖ 5, 4. Црвена звезда 4

ГРУПА Д

Порто – Локомотив Москва 4:1

Шалке – Галатасарај 2:0

Табела: 1. Порто 10, 2. Шалке 8, 3. Галатасарај 4, 4. Локомотив М. 0

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП