3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНО„Новиот Милан“ се пофали со Калдара и Игуаин, Бонучи исвиркан во Торино

„Новиот Милан“ се пофали со Калдара и Игуаин, Бонучи исвиркан во Торино

Седумкратниот европски шампион Милан официјално ја најави „новата ера“ во богатата историја во клубот, објавувајќи ги трансферите на дефанзивецот Матија Калдара и напаѓачот Гонзало Игуаин од Јувентус.

Поранешниот играч на Аталанта, Калдара, кој помина само еден месец во Торино се сели на „Сан Сиро“, додека Лео Бонучи по само една проблематична сезона со Милан се враќа во Јувентус во уште една зачудувачка зделка во италијанскиот фудбал, по доаѓањето на Кристијано Роналдо во Јуве.

Калдара имаше две успешни сезони во Бергамо со Аталанта, и сега 24-годишниот дефанзивец потпишува за „Диаволо“ без ниту еден настап за Јуве.

„АЦ Милан го објавува доаѓањето на Гонзало Игуаин и Матија Калдара од Јувентус. Гонзало и Матија се две важни делчиња во новата ера на клубот. Гонзало Игуаин доаѓа во Милан во договор за позајмица до 30 јуни 2019 со опција за купување, додека Матија Калдара пристигнува со трампа со Леонардо Бонучи. 24-годишниот Калдара има договор со Милан до 30 јуни 2023 година“, се вели во соопштението на Милан, клуб кој од неодамна е во сопственост на американската фондација „Елиот менаџмент“ по неуспешната авантура со кинескиот сопственик Ли Јонгхонг.

Од друга страна, Бонучи по само една сезона во Милано, се врати во Торино, каде што немаше најдобар пречек. Навивачите на Јуве уште не му простија на Бонучи, кој лани за 42 милиони евра замина во Милано за неговата прослава на голот против Јувентус.

Според италијанската новинска агенција „АНСА“, Бонучи никој не го пречека на аеродромот Каселе, а иако неколкумина го чекаа пред медицинскиот тест, кога пристигна во Континаса тој наиде на непријателски пречек – со свирежи и со извици „измиј си ја устата“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП