3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСветското првентство во фудбал, Русија 2018 – од мој агол Илчо Ѓорѓиоски,...

Светското првентство во фудбал, Русија 2018 – од мој агол Илчо Ѓорѓиоски, Претседател на Фудбалската федерација на Македонија

Нецели две седмици до крајот на Светското првенство во Русија 2018 година, фудбалскиот мундијал кој донесе многу изненадувања и неколку неочекувани резултати. Елиминацијата на светскиот првак Германија е веројатно најголемото разочарување, клетвата за бранителите на титулата ја дочекаа и Германците во 2018 година, како и Французите 2002., Италијанците 2010., и Шпанците 2014.

Аргентина и Шпанија испаднаа уште во осминафиналето. Се појавија нови фудбалски ѕвезди, други пак ја потврдија својата светска класа, Меси веројатно ја пропушти последната вистинска шанса да стане светски првак.

Се потврди и на шампионатот во Русија дека фудбалот повеќе од било кога е тимска игра, која не познава апсолутни фаворити, каде нема предвреме добиен натпревар, каде потценувањето на противникот значи пораз.

Јоаким Лев како селектор на Германија беше еден од најзаслужните за ренесансата на германскиот фудбал во последната деценија, но трофејниот стратег потфрли во Русија, исто како и селекторите на поголем дел од репрезентациите, секако со неколку исклучоци.

Германија испадна, токму поради загубената страст, желба и упорност, поради суетата на Лев да не го повика Сане, еден од најдобрите крилни офанзивци во светот, фудбалер кој одигра неверојатна сезона во Манчестер Сити. Едноставно премногу тактизираа, зависеа од другите. Нетипично за репрезентација која пред четири години апсолутно доминираше.

Разочара Аргентина, но јасно е дека нивниот селектор Сампаоли и оваа Аргентина се неспоива комбинација. Разочараа со својата одбрана, која не даваше сигурност, прелесно примаше голови, премногу зависеше од Меси. Едноставно се добиваше впечаток дека сите се преголеми ѕвезди за да се вратат назад, да помогнат во дефанзива, да спречат контра напад, да одиграат квалитетна одбрана. Немаше доверба меѓу селекторот и фудбалерите, а тоа е најлошото нешто што може да се случи. Потврда за тоа е и играта на Меси. Никој не може да биде поголем од репрезентацијата, уште повеќе од нацијата. Аргентинците му го дадоа тој епитет на Меси и заеднички изгореа на првенството во Русија.

Ова првенство ни покажа дека фудбалот е многу едноставна игра. Да, треба стратегија, страшна физичка подготовка, знаење, таленти, но пред се треба компактност, уиграност, јасна цел за натпреварот. Жал ми е за Јапонија која прими гол во 94. минута, откако предходно напаѓаше за победа, но тоа е фудбалот, нема опуштање, нема безглаво летање по теренот, секој фудбалер треба да ја знае својата улога, да има лидер и селектор кој добро ги познава фудбалерите.

Белгија е репрезентација која може да оди до крај. Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез потврди дека е вистински лидер и предводник. Заедно со Оскар Табарез, Делиќ од Хрватска и швеѓанецот Андерсон се најдобрите на овој шампионат. Иако, реално тренерската струка потфрли, не видовме новини, различни формации или тактичка усовршеност.

ВАР технологијата донесе нов квалитет. Можеби на моменти играта запира, или се прави зависна од технологијата, но од друга страна е силна поддршка за судиите кои се под силен притисок. Добар судија и поддршката од ВАР технологија даваат гаранција за регуларноста на натпреварот.

Очекувам Хрватска да игра финале, Белгија и Франција да бидат полуфиналисти. Но ќе видиме, се е можно.

Искрено посакувам и Македонија еден ден да се најде на големот натпреварување. И се прави сѐ во таа насока. Нашата голема шанса е Лигата на Нации и можноста да се пласираме на Европско првенство. Иднината е во младите фудбалски таленти. Како за потсетување над пет илјади дечиња од седум различни региони на Македонија се дел од детската лига во организација на ФФМ. Како федерација со сите сили и средства ќе се трудиме и понатаму што повеќе млади да се вклучат во спортот и фудбалот“, вели Илчо Ѓорѓиоски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП