30 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОКрушево подготвено за Светското и за Европското првенство во змејарство

Крушево подготвено за Светското и за Европското првенство во змејарство

Градот Крушево со поддршката од Агенцијата за млади и спорт и од Агенцијата за промоција на туризмот, од 9 до 21 јули ќе биде домаќин на 20. Европското и 8. Светско првенство во змејарство.

Во Македонија доаѓаат околу 300 учесници од кои половината се пилоти од светската елита во овој спорт.

– Овие две големи првенства ја ставаат Македонија на мапата на најпосакувани дестинации за спортистите и љубителите на слободно летање од Европа и ширум светот. Со ова уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба за промоција на нашата земја не само како туристичка, туку и како дестинација со одлични услови за слободно летање, особено за организирање на натпревари од меѓународен спортски ранг. Исто така, ова ќе биде одлична можност и за поголемо манифестирање на летачките спортови како начин на живеење, со кој луѓето во нашава држава преку нивна зголемена вклученост во рекреативно-адреналинските активности кои земаат се поголем замав во светски рамки, ќе го подигнат квалитетот и ќе се стекнат со спортските навики и заедно ќе промовираме здрави стилови на живеење, преку овој спорт, истакна директорот на АМС, Дарко Каевски.

Натпреварите ќе се одвиваат во Крушево и Пелагонискиот регион. Стартните локации ќе бидат во Крушево на Мечкин Камен, а во регионот на Прилеп,с. Кривогаштани и регионот на Битола се предвидени местата за слетување.

Директор на Агенција за промоција и поддршка на Туризам, Љупчо Јаневски вели дека ваквите манифестации придонесуваат за зголемен број на туристи и ноќевања.

– Наш приоритет промовирање на Крушево како туристичка дестинација за четири сезони. Со реализација на СП и на ЕП се отвора можност за привлекување дополнителни туристи во следните сезони. Зголемувањето на понудата на алтернативни форми на туризам, значи искористување на сите уникатни, природни ресурси кои Македонија ги има во изобилие, но на еден одржлив и безбеден начин, смета Јаневски.

Од Општина Крушево велат дека се целосно подготвени да ги примат гостите и учесниците на првенствата. Очекуваат повеќе од 3.000 туристи поврзани директно со натпреварите.

– Ве повикувам да го посетите Крушево за време на СП и ЕП во змејарство, затоа што имаме и многу други придружни активности и интересни настани, апелира градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП