„Google“ објави дека од денес музичката стриминг услуга „YouTube Music“ е достапна во Европа, станувајќи директна конкуренција со услугите на „Spotify“, „Deezer“ и „Apple Music“.
Услугата, која може да се користи од 22-ри мај во САД, Австралија и Нов Зеланд, Мексико и Јужна Кореја, веќе е достапна и во Франција, Шпанија, Германија, Италија и Велика Британија, соопшти компанијата.
По цена од 9,99 евра месечно „YouTube Music Premium“ нуди интерфејс сличен на оној на конкурентите со огромен избор плејлисти, лични препораки и огромен каталог со албуми и песни. „YouTube“ додава и огромна разновидност на музички спотови и видеа од концерти на познати и слабо познати изведувачи кои веќе се гледаат без реклами.
Според Меѓународната федерација на музичката индустрија, 85 проценти од корисниците на „YouTube“ ја користат платформата за да слушаат бесплатна музика.