19 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОШок од Мадрид: Зидан си оди од Реал!

Шок од Мадрид: Зидан си оди од Реал!

Зинедин Зидан го напушта кормилото на Реал Мадрид, Французинот вестите ги соопшти на прес конференција која „Кралевите“ ја закажаа попладнево.

Средбата со новинарите ја отвори претседателот Флорентино Перез кој рече: „Зидан дојде да ме види вчера и ми соопшти неочекувана одлука, па тој треба да ви објасни“.

„Зборував со Перез за да му објаснам што мислам во моментов. Прво, за мене, за екипата и за клубот е малку чуден момент, но важен и добар е за сите. Мислам дека овој тим треба да продолжи да победува, но мислам и дека има потреба од промена, од различен глас, друга методологија и затоа ја донесов оваа одлука. Го сакам овој клуб и претседателот, кој ми даде шанса да играм и да го водам тимот од моите соништа. Меѓутоа, сè се менува и затоа и јас решив да си одам“, вели Зидан.

Како што течеа прашањата од новинарите, Французинот почна да открива дека, на некој начин е заситен и дека не гледа начин како Реал би продолжил да победува и следната сезона под негово водство. Не ја отстрани и можноста да се врати еден ден.

„Како што му кажав и на претседателот, ова може да биде и ситуација ‘ќе се видиме наскоро’, бидејќи Мадрид ми даде сè. Јас и понатаму ќе бидам близок до клубот, но оваа одлука е јасна, иако на многу луѓе може да не им биде. По три години ова е вистинската одлука, ова е моментот за промена и за мене и за играчите. Ако не можам да видам јасно како ќе продолжиме да победуваме и каков го сакам тимот, тогаш е време за промена. Јас освоив три титули во ЛШ едноподруго и сега, едноставно, чувствувам дека не знам како би победиле во следната сезона. А јас сум победник, таков бев и како играч, таков сум и сега. Штом гледам дека не знам како да победам тогаш не ја барам вината во друг, туку во мене и затоа заминувам“, додаде Зидан.

Соопшти дека на играчите веќе им кажал преку порака, а со Серхио Рамос разговарал и лично. Она што е интересно, не сакаше да открие кога точно, во кој момент од сезонава ја донел одлуката.

Зидан во Реал Мадрид пристигна во 2016-та година кога го наследи Рафа Бенитез на клупата на „кралевите“. И за тој период во клубот освои три титули во низа во Лигата на шампиони, една во Ла Лига, една во шпанскиот Супер Куп, две во Супер купот на Европа и две светски клупски првенства.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП