Најголемиот производител на товарни машини во светот – „Caterpillar“ ја зголеми прогнозата за приходите за 2018-та година, откако нејзините финансиски резултати за првиот квартал од годината беа над очекувањата поради силната глобална побарувачка, објави „Ројтерс“.
Акциите на компанијата, дел од индексот „Dow Jones“, се зголемија за 4,25% во претходна трговија.
Зголемената прогноза на профитот за целата 2018-та се движи помеѓу 9,75 и 10,75 долари по акција, што е за 2 долари повеќе од предвидувањата во јануари. Резултатите од компанијата се јасен сигнал за глобалната економска активност, која најбрзо расте од 2011-та година.
Од понеделникот, „Citi“ ги смени акциите на „Caterpillar“ од „неутрални“ до „купување“, велејќи дека индустрискиот гигант ќе има корист од подобрувањата во кинескиот градежен сектор.
За првиот квартал од 2018-та година, компанијата објави нето добивка од 1,66 милијарди долари или 2,74 долари по акција, што е над консензусната прогноза на аналитичарите за 2,04 долари. Продажбата се зголеми за 31% на 12,9 милијарди долари – исто така над очекувањата.
„Caterpillar“ објасни дека зголемувањето на прогнозите се должи на продажбата која е подобра од очекуваната поради зголемената побарувачка во сите региони и речиси сите крајни пазари.
Според Меѓународниот монетарен фонд, силниот глобален раст ќе продолжи и во текот на следните две години, поради што се очекува побарувачката за машини да остане висока.
Сепак, заканите за глобалната трговска војна претставуваат најголем ризик за компанија која продава повеќе од половина од машините надвор од САД. Сепак, новите проекции за 2018-та не го вклучуваат потенцијалното влијание на идните геополитички ризици и трговските ограничувања.
Загриженоста за можната трговска војна доведе до пад од 9 отсто во уделот на „Caterpillar“ од најновото финансиско известување.