13 октомври, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар лесно го совлада Мешков за ново СЕХА финале

Вардар лесно го совлада Мешков за ново СЕХА финале

Вардар ќе ја брани титулата од регионалната СЕХА лига, откако во првото полуфинале со доминантни 33:24 го совлада белорускиот Брест Мешков во Скопје, во меч во кој доминираа од почетокот до крајот не давајќи му шанса на противникот да направи изненадување.

Противник на Вардар во финалето ќе му биде или ППД Загреб или Целје, кои својот дуел го играат од 20.45 часот.

„Црвено-црните“ имаа почеток каков што посакуваа, откако преку Шишкарев и Дибиров во нападот и со секогаш одличниот Арпад Штербик на голот поведоа со 7:3. Разликата се зголемуваше како што течеше првото полувреме за да дојде до +6 (12:6), пред гостите да направат низа од четири гола и да се доближат на 12:10. До крајот на полувремето, предводени од петте гола на Циндриќ и седумте одбрани на Штербик, Вардар имаше +3 (17:14).

Почетокот на второто полувреме беше уште пофуриозен – со одличните голови на Чупиќ и Борозан, вардарци од 17:14 зголемија на 22:14, „уривајќи“ го системот на тренерот на Брест, Бебешко. Разликата Вардар ја одржуваше во текот на полувремето, доаѓајќи на 30:20 на девет минути пред крајот, кога стана јасно дека нема ништо од кам-бек на Белорусите.

Лука Циндриќ беше најрасположен за давање голови, завршувајќи го мечот со шест гола, Вуко Борозан уфрли пет, додека по четири имаа Шишкарев, Чупиќ и Карачиќ, а секако еден од клучните луѓе за победа беше неверојатниот Штербик, кој имаше дури 20 одбрани. Кај Мешков, Максим Баранау беше убедливо најефикасниот со 9 гола, од кои четири од пенал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП