3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЏошуа ослабен тргнува по титулата на Паркер

Џошуа ослабен тргнува по титулата на Паркер

Ентони Џошуа, иако значително ослабен, беше за три килограми потежок од Џозеф Паркер на мерењето пред мечот за обединување на титулите во тешка категорија во Кардиф.

Британскиот носител на ВБА, ИБФ и ИБО титулите имаше 109 килограми на мерењето пред 4.000 гледачи, во споредба со 107 килограми на Новозеланѓанецот, кој е носител на ВБО трофејот. Во саботниот меч на „Принсипалити“ во Кардиф, Џошуа исто така ја има предноста на височината и има 15 сантиметри подолг „дофат“ од предизвикувачот.

Џошуа во својот последен меч против Камерунецот Карлос Такам минатиот октомври имаше 115 килограми (најмногу во кариерата), пред да го победи во тешки 10 рунди.

„Трчав многу и тренирав напорно пред овој меч. Со помалку килограми работите беа малку полесни. Се чувствувам добро и ако оди сѐ според планот, ќе ме видите поостар и побрз“, изјави 28-годишниот Џошуа, кој има 20-0 скор и сите победи ги оствари со нокаут.

Паркер, кој исто така е непоразен со 24-0 скор, вели дека е комплимент што Џошуа работел напорно пред „најголемиот меч во кариерата“, пред 80-тина илјади фанови во сабота навечер.

„Тоа значи дека го сфати мечот навистина сериозно и дека работеше напорно. Тој е во добра форма, но јас сум во уште подобра. Ќе видите бомби. Тука сум за добар меч, тука сум за војна. Тој ќе има повеќе фанови, но тоа не ме плаши“, објаснува Паркер.

По саботниот меч, тешката категорија ќе биде поблиску до апсолутен шампион во тешка категорија, бидејќи единствената друга „голема“ верзија на титулата – ВБЦ појасот е кај Американецот Дионтеј Вајлдер, боксер кој не е поразен во 40 меча.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП