8 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛЕ: Милан повторно загуби од Арсенал, ЦСКА триумфираше на гости (видео)

ЛЕ: Милан повторно загуби од Арсенал, ЦСКА триумфираше на гости (видео)

Милан не успеа да направи чудо на „Емирати“ и да го елиминира Арсенал од Лигата на Европа, откако и во вториот меч со англискиот клуб загуби, овојпат со 3:1 во дуел одбележан со обвинувања за глумење на Дени Велбек.

Росонерите имаа добар старт на гостувањето и во 35. минута од мечот дојдоа до водство преку одличниот гол на Хакан Чалханоглу, меѓутоа само четири минути подоцна, Дени Велбек „изнуди“ сомнителен пенал, кој го реализираше и покрај протестите на играчите на Милан.

Ова го „сврте“ мечот, и Арсенал во второто полувреме, успеаја да дојдат до водство преку Гранит Џака во 71. минута, за Велбек со уште еден гол во 86. минута да ја запечати 3:1 победата за пласман меѓу најдобрите осум во ЛЕ.

Вистинска сензација направија фудбалерите на ЦСКА Москва, кои успеаја да стигнат до 3:2 победа на гостувањето кај Лион, така поништувајќи ја предноста која францускиот тим ја имаше по 1:0 победата во Русија.

Александер Головин донесе водство за ЦСКА во 39. минута, пред во 58. минута, Лион да израмни преку Максвел Корне. Нигериецот Ахмед Муса и Швеѓанецот Понтус Вернблом потоа ги шокираа домаќините со два гола во само пет минути за да ја обезбедат победата за Русите. Лион успеа да врати еден гол во 71. минута преку Диаз, но на крајот славеа „армејците“.

Борусија Дортмунд исто така е елиминирана, откако на гостувањето кај Салцбург не успеаја да постигнат гол и да ја поништат предноста која домаќините ја направија со 2:1 победата на „Сигнал Идуна парк“. Со ова се комплетира лошата европска сезона за Дортмунд.

Лацио се квалификуваше во четврт-финалето на Лигата на Европа, откако со 2:0 триумфираше на гостувањето кај Динамо Киев за да надополни за слабиот прв натпревар во Италија, кој заврши со 2:2.

Лукас Леива во 23. минута донесе водство за гостите, за резултат со кој Лацио веќе беше во четврт-финалето, за во 82. минута победата да ја потврди Стефан де Фрај.

Олимпик Марсеј и вторпат го победи Атлетик Билбао, овојпат во Баскија со 1:2 за да се пласира понатаму со вкупни 2:5, додека Лајпциг успеа да остане непоразен на гостувањето во Санкт Петерсбург, и тие 1:1 беа доволни германскиот вице-шампион да го помине Зенит по домашната победа од 2:1.

Спортинг Лисабон, без македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски во составот, преживеа вистинска драма во Чешка, откако дури по продолжението се пласираше во четврт-финалето.

Спортинг имаше 2:0 предност по првиот натпревар, но Чесите го надополнија ова во регуларниот дел, а португалскиот тим во 90. минута утна пенал преку Баст Дост за домаќините да примораат продолжение. Родриго Батаља ги спаси Спортинг во 105. минута.

ЛИГА НА ЕВРОПА, 1/8 ФИНАЛЕ, 2. НАТПРЕВАР

АРСЕНАЛ – Милан 3:1

Прв натпревар 2:0, вкупен резултат 5:1

Лион – ЦСКА МОСКВА 2:3

Прв натпревар 1:0, вкупен резултат 3:3 – ЦСКА оди понатаму поради повеќе постигнати голови на гости

САЛЦБУРГ – Борусија Дортмунд 0:0

Прв натпревар 2:1, вкупен резултат 2:1

Локомотив Москва – АТЛЕТИКО МАДРИД 1:5

Прв меч: 0:3, вкупен резултат 1:8

Атлетик Билбао – МАРСЕЈ 1:2

Прв меч: 1:3, вкупен резултат 2:5

Динамо Киев – ЛАЦИО 0:2

Прв меч: 2:2, вкупен резултат 2:4

Викторија Плзењ – СПОРТИНГ ЛИСАБОН 2:1

Прв меч: 0:2, вкупен резултат 2:3

Зенит Санкт Петербург – РБ ЛАЈПЦИГ 1:1

Прв меч: 1:2, вкупен резултат 2:3

ЛИГА НА ЕВРОПА, ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ

Атлетико Мадрид (Шпа)

Арсенал (Анг)

ЦСКА Москва (Рус)

Салцбург (Авт)

Марсеј (Фра)

Лацио (Ита)

Спортинг Лисабон (Пор)

РБ Лајпциг (Гер)

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП