27 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОБен Једер и Севилја го замолчеа „Олд Трафорд“! Џеко е херојот на...

Бен Једер и Севилја го замолчеа „Олд Трафорд“! Џеко е херојот на Рома (видео)

Екипата на Севилја со триумфот на гостински терен против „црвените ѓаволи“ си обезбеди пласман во следната фаза од Лигата на шампионите, а во вториот вчерашен дуел Рома со голот на Џеко славеше во дуелот со Шахтјор.

Навивачите на Манчестер Јунајтед ќе го запаметат францускиот напаѓач Висам Бен Једер, откако со два гола за четири минути и донесе на Севилја 2:1 победа на „Олд Трафорд“, ставајќи крај на европската авантура на тимот на Жозе Мурињо.

По првото досадно реми 0:0, реваншот во Англија беше со малку повисок интензитет, но двата тима не успеаја да направат многу шанси во првото полувреме. Мурињо по критиките стартуваше со Маркус Рашфорд во нападот, но во стартниот тим го немаше Пол Погба, со Маруан Фелаини во средината.

Од другата страна, од тимот на Винченцо Монтела не се очекуваше премногу во Англија, но тие се покажаа како цврст тим кој беше опасен во нападот.

Тоа најдобро се почувствува во финишот на натпреварот, откако во 74. минута Сарабија фантастично го пронајде Бен Једер, кој со одличен удар го совлада испружениот Давид де Хеа. Уште не беше слегната „прашината“ на „Олд Трафорд“, а веќе беше 0:2 – Бен Једер се најде на вистинското место на голот, и ја искористи лошата интевернција за Де Хеа.

Јунајтед, сепак, се „разбудија“ во финишот на натпреварот, и во 84. минута од мечот, по корнерот на Рашфорд, Ромелу Лукаку постигна атрактивен гол.

По минатогодишното освојување на Лигата на Европа, фановите на „ѓаволите“ очекуваа многу повеќе во Лигата на шампионите, но, засега, Јунајтед е доволно силен само за осминафинале. За Севилја и Винченцо Монтела пак, ова е големо постигнување, посебно откако италијанскиот стратег не воодушеви со резултатите по доаѓањето во Шпанија.

Рома реши да не го продаде Един Џеко на Челси и не згреши! Босанскохерцеговскиот напаѓач се најде на вистинското место во 52. минута од реваншот од осминафиналето на ЛШ против Шахтјор Доњецк, за да го постигне голот доволен за четврт-финале на „волчицата“.

Украинскиот клуб пристигна во Италија со големи надежи за четврт-финале, откако првиот меч во Киев го добија со 2:1, меѓутоа, успешното избегнување на офсајд стапицата по асистенцијата на Кевин Стротман, беше доволно Џеко да дојде во позиција од која ретко промашува.

Како што течеше второто полувреме, се забележуваше нервозата во гостинскиот клуб, кој остана со играч помалку откако црвен картон во 79. минута доби Иван Ордец, откако со влечење се обиде да го спречи Џеко во уште една речиси совршена шанса.

Тимот на Еузебио ди Франческо е вториот италијански тим во четврт-финалето, откако претходно Јувентус успеа да го елиминира Тотенхем.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП