Металург го совлада белорускиот Мешков Брест со 37:33, со што не им дозволи на гостите да го официјализираат местото на фајналфор-турнирот во СЕХА-лигата.
До шестата победа во регионалното натпреварување тимот од Автокоманда стигна релативно лесно кога водството од почетокот на натпреварот го задржа во текот на целиот меч. Гостите во Скопје допатуваа без својот главен тренер и без неколку ракометари поради обврски во националниот шампионат.
Филип Кузмановски беше најефикасен за Металург со 10 гола, а 9 имаше Халил Јагањац. За Металург до крајот на СЕХА-лигата остануваат гостувањето кај Татран во Словачка и домашниот дуел со словенечкиот Целје.