6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветска банка: Повеќето криптовалути се финансиски пирамиди

Светска банка: Повеќето криптовалути се финансиски пирамиди

„Несомнено блокчејн технологијата како целина ќе има многу широка примена во иднина, јас исто така го очекувам тоа. Но исто така имам информации дека огромен дел од криптовалутите всушност се едни класични „шеми на Понзи“ *“. Ова го изјави претседателот на Светската банка Џим Јон Ким, цитиран од „Bloomberg“.

Според него се уште не е јасно како ќе работат валутите како биткоин во иднина, но Светската банка внимателно ги следи трендовите во овој сектор. Блокчејн платформите користат т.н. „Децентрализирани регистри“ што овозможуваат вршење на финансиски операции и трансферот на средства да се вршат на максимално сигурен и транспарентен начин.

Според Ким, овој механизам може да се користи во земјите во развој, каде што ќе помогне за поефикасно следење на финансиските текови и за преминување на коруптивните практики.

Тој, сепак, не е единствениот кој смета дека повеќето криптовалути практично се обични финансиски пирамиди. Од „Goldman Sachs“ исто така сметаат дека поголемиот дел од криптповалутите веројатно нема да преживеат под оваа форма и нивната вредност може да падне до нула.

Криптотехнологиите може и да имаат потенцијал да го променат начинот на кој работи светскиот платежен систем, но во моментов тие се извор претежно на тревога поради високата нестабилност, обидите за перење пари и други финансиски кривични дела за кои се користат дигиталните средства.

Претходно оваа недела гувернерот на Банката за меѓународни порамнувања Аугустин Карстенс ги повика државните институции во светот да преземат мерки за спречување на хаосот околу криптовалутите, бидејќи нивните врски со глобалниот финансиски систем може да предизвикаат сериозни потреси.

Новиот гувернер на ФЕД, Џером Пауел исто така е меѓу застапниците на тезата за построги прописи и управување со ризикот во светот на дигиталните средства.

До овој момент, сепак централните банки и другите финансиски институции во светот не нашле друг механизам преку кој да влијаат врз овој пазар, освен ограничувањето на трансакциите со слични платежни средства во банкарскиот систем.

Во меѓувреме, повеќето криптовалути забележаа зголемување утринава. Биткоинот поскапе со близу 8%, до ниво од 8.100 долари, етериум се зголемува со 7.3 отсто до близу 812 долари, а „рипле“ додава 3% на својата вредност, до ниво од 75.72 центи.

Сепак дигиталните пари се далеку под нивоата, постигнати во декември, кога цената на биткоинот достигна рекордни 19.783 долари.

Според податоците на „CoinMarketCap“, вкупната пазарна капитализација на сите криптовалути во моментот изнесува 376 милијарди долари, што е за 54% под декемврискиот рекорд.

* Нелегалната финансиска операција при која на старите инвеститори се исплаќа „добивка“ од парите земени од новите инвеститори е позната уште и како „финансиска пирамида“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП