Вториот најтрофеен тим во НБА-лигата со 16 титули, Лос Анџелес лејкерс никако да мрдне од дното изминатите неколку сезони.
Лани тимот сруши неколку негативни рекорди во својата неверојатно богата и трофејна историја, а сезонава Лејкерс повторно се вратија на губитничките патеки и моментално се на последното место во Западната конференција.
Проектот со млади и талентирани кошаркари очигледно не профункционира и покрај фактот што изминатите четири години, тимот на драфтот бираше високи пикови. Очигледно е дека на Лејкерс му треба нов лидер и суперстар како Коби Брајант во минатото.
Кој е кошаркар број 1 моментално? Леброн Џејмс. Ѕвездата на Кливленд идното лето има опција во својот договор да биде слободен агент, а последните шпекулации во американските медиуми велат дека Џејмс не сакал да им гарантира на челниците на тимот дека сигурно останува во Кливленд.
Првиот оперативец на Лејкерс, Меџик Џонсон ќе направи се што е во негова можност да го убеди Џејмс да го облече златно-пурпурниот дрес на Лејкерс идното лето. Шпекулациите за негова преселба во Лос Анџелес ги подгреа и фактот дека неговата сопруга е забележана во овој град во потрага по добри училишта за нивните деца.
Лејкерс не го планираат само Џејмс за враќање на старите шампионски патеки туку и Пол Џорџ. Овој крилен центар изминатото лето потпиша за Оклахома, но и тој исто како и Џејмс идното лето може да биде слободен агент ако го искористи тоа право од договорот. Џорџ е по потекло од Лос Анџелес и никогаш не ја криел желбата да игра за тимот за кој навивал од детството.
За да ги доведат овие две големи суперѕвез, Лејкерс ќе мораат да се ослободат од неколку високоплатени играчи. Прв на листата е Лул Денг, кој е најплатен кошаркар во тимот на Лејкерс, а буквално не игра за тимот. Тој веројатно ќе биде трејдуван во Далас, заедно со Џулиус Рендл.