19 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМакедонија посакува да стане дел од регионалната иницијатива „Спортски игри за млади“

Македонија посакува да стане дел од регионалната иницијатива „Спортски игри за млади“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, денеска остварил средба со делегација од регионалната невладина иницијатива „Спортски игри за млади“, во состав: Ивана Јованова – претседател, Здравко Мариќ – претседател на организацискиот комитет и Тихомир Гудиќ – извршен директор.

Како што информираат од прес-службата на Владата, на средбата гостите го презентирале развојот на иницијативата преку успешните примери од изминатите 21 година постоење, како и плановите за развој и вклучување нови земји во понатамошното организирање на овој спортски настан. Притоа упатиле отворена покана од годинава и Македонија да земе учество како во натпреварите во повеќе спортови така и во логистиката на организирањето на спортските игри за млади.

Премиерот Заев ја поздравил иницијативата и пројавил интерес дел од оваа спортска иницијатива во блиска иднина да биде и Република Македонија.

Тој исто така истакнал дека, според презентираното од гостите, бенефитите се поголеми отколку само промоција на спортот и дека тоа е цел концепт од европски вредности кој ги учи младите да создаваат нови мрежи на познанства и контакти со своите врсници од регионот, ги воспитува во духот на здравите спортски навики и прифаќање на различностите, толеранцијата, како и начин на воспитување во духот на конкуренцијата, ферплеј, натпреварувачкиот дух и тимската работа, што се во основа и вредностите на кои почива европската култура.

Иницијативата „Спортски игри за млади“ е поддржана од голем број лидери и влади на држави членки на Европската Унија, а во своето 21-годишно постоење учество зеле повеќе од еден милион деца и младинци од целиот регион.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП