Иако во своите мечеви влегоа како фаворити за запечатување на пласманот на Светското првенство во Русија во 2018, Србија загуби од Австрија, а Хрватска ремизираше со Финска за комплицирање на ситуацијата во нивните квалификациски групи.
„Орлите“ не успеаја од Виена да полетаат за Русија, откако Австрија се врати од негатива за импресивна победа. Србија водеше со 0:1 со голот на Миливоевиќ, но Австријците направија пресвт за 2:1 со головите на Бургшталер и Арнаутовиќ. Ѕвездата на Манчестер јунајтед, Немања Матиќ во 84. израмни за Србија, пред Шауб во 90. минута да ја потврди победата и да разочара 20-тина илјади гостински навивачи на „Ернст Хапел“.
Србија, уште е прва во својата група со 18 поени, еден повеќе од Велс и два пред Република Ирска. Во последниот квалификациски меч, Србите играат со Грузија на домашен терен, а Велс и Ирска имаат меѓусебен дуел за бараж или директен пласман.
Додека Србија уште е на „пол-позицијата“, Хрватска го загуби првото место во групата И, откако на „Руевица“ во Риека, одигра само 1:1 со аутсајдерот Финска. Исланд имаше неверојатна 3:0 победа на гости во Турција за да го преземе првото место во лигата, додека Украина со 2:0 на гости го совлада Косово. Исланд сега има 19 поени, додека Хрватите и Украинците имаат по 17.
Во последното коло, Исланѓаните го пречекуваат Косово, додека Хрватска и гостува на Украина.
Единствено јасна ситуација има во групата со Македонија. Шпанија со 3:0 ја победи Албанија за да обезбеди пласман во Русија, додека Италијанците и покрај ремито со Македонија се сигурни патници во баражот.
ГРУПА Д
Грузија – Велс 0:1
Австрија – Србија 3:2
Ирска – Молдавија 2:0
Табела: 1.Србија 18, 2.Велс 17, 3.Ирска 16, 4.Австрија 12, 5.Грузија 5, 6.Молдавија 2
ГРУПА Г
Италија – Македонија 1:1
Лихтенштајн – Израел 0:1
Шпанија – Албанија 3:0
Табела: 1.Шпанија 25, 2.Италија 20, 3.Албанија 13, 4.Израел 12, 5.Македонија 8, 6.Лихтенштајн 0
ГРУПА И
Хрватска – Финска 1:1
Косово – Украина 0:2
Турција – Исланд 0:3
Табела: 1.Исланд 19, 2.Хрватска 17, 3.Украина 17, 4.Турција 14, 5.Финска 8, 6.Косово 1