4 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛазаров: Излегов од сигурната зона

Лазаров: Излегов од сигурната зона

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, во интервју за официјалната веб-страница на ЕХФ, зборува за новиот предизвик во францускиот Нант и посетата на Барселона овој викенд.

По седум години во шпанскиот ракомет (Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и Барселона), 37-годишниот Лазаров вели дека очекува многу во Франција.

„Играв седум години во Шпанија и ми беше потребен нов предизвик бидејќи кога професионалец останува на едно место, има позитивни и негативни работи. Понекогаш влегуваш во рутина и ја губиш мотивацијата. Решив да заминам од Шпанија и Нант изгледаше како вистинска алтернатива. Сигурен сум дека го избрав вистинскиот тим, со добри играчи и стручен состав. Веќе еден месец сум тука и презадоволен сум. Нант игра модерен ракомет и не дојдов во тим од втората лига. Ова е тим што може да се бори со сите во Европа. Сите се многу амбициозни, а имаме состав што ќе направи проблеми на многу тимови во Лигата на шампионите. Не е чудно што играчи како Доминик Клајн и Едуардо Гурбиндо дојдоа тука минатото лето. За мене, потписот со Нант е чин на излегување од сигурната зона, но не и голем ризик“, вели Лазаров.

Овој викенд Нант гостува во „Палау Блауграна“ кај неговиот поранешен тим Барселона.

„Тоа ќе биде посебен момент. Играв четири сезони таму и имам многу добри сеќавања. Ќе играм против некои мои добри пријатели и ќе биде задоволство да се сретнам со нив по натпреварот. Но, чувствата ќе бидат настрана пред и во текот на натпреварот. Покажавме дека можеме да играме со големите тимови како Вардар и Рајн-Некар Левен и сакаме тоа да го докажеме уште еднаш овој викенд. Мора да се концентрираме и да не оставиме чувствата да се замешаат“, додава македонската ракометна легенда.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП