5 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардарки против ФТЦ ја отвораат сезоната во ЛШ

Вардарки против ФТЦ ја отвораат сезоната во ЛШ

Ракометарките на Вардар, актуелни европски вицешампионки, в петок ќе ја почнат сезоната во Лигата на шампионите. Прв противник на Вардар во Ц групата, во која партиципираат уште Ларвик и Турингер, ќе биде унгарски ФТЦ.

Почетокот на натпреварите во Лигата на шампионите и дуелот со ФТЦ е причината поради која ЖРК Вардар одржа прес-конференција на која говореа тренерот Ирина Дибирова, капитенот Јованка Радичевиќ и претседателот Гордана Нацева.

Вардар од доаѓањето на Сергеј Самсоненко во континуитет учествува на завршниот турнир, три години го освојуваше третото место, а минатата сезона стигна до финалето, но не успеа да ја освои титулата.

„Единствена сме екипа која петта сезона по ред ќе атакува на пласман на завршниот турнир, на кој ќе обидеме да се искачиме скалило повеќе, односно да ја нападнеме титулата. Тимот претрпе одредени измени во однос на минатата сезона, но остана костурот на тимот и тоа ни дава право дека ќе имаме добра основа за добри резултати. На позициите на кои останавме без играчи мислам дека донесовме адекватни засилувања. Посебно ни е драго што се вклучуваат што е можно повеќе домашни играчи, покрај Сара Ристовска, од нашиот јуниорски погон ги вклучивме и Теа Керамитчиева и голманот Јована Мицевска, а летово потпишавме и со репрезентативките Бајрамовска и Саздовска“, рече претседателката Нацева.

Вардарки сезоната во елитата ја отвораат против ФТЦ. Унгарките беа противнички на Вардар и на отворањето на минатата сезона, кога во Скопје во еден тврд и неизвесен натпревар успеаја да освојат еден бод.

Тренерот на „црвено-црните“, Ирина Дибирова, смета дека ФТЦ е добар, организиран тим, кој е фаворит за пласман на завршниот турнир. Слично како и Вардар и ФТЦ го има речиси истиот тим како и минатата сезона, засилен со леворака ракометарка на позицијата десен бек. Во стручниот штаб на Дибирова од оваа сезона е приклучен и шпанскиот тренер Гарсија Парондо.

„Парондо е многу добар тренер, стилот на работа му е ист како на Раул Гонзалес, верувам дека ќе ни донесе добри резултати. Против ФТЦ ние мора на минимум да ги сведеме грешките. Тоа сега ќе ни биде малку проблем бидејќи го сменивме системот, имаме нови играчи. Но, доколку имаме дисциплинирано во одбраната и во нападот, тогаш ќе биде сè в ред“, рече Дибирова, која како играч ја има освоено титулата со Слагелсе (2005) и Звезда Звенигород (2008).

„Зад нас е долг временски период на тренинзи и напорна работа, без некои посилни натпревари. Игравме во регионалната лига, но и таму нема силни противници за да можеме да ја провериме до каде сме со формата. Од друга страна со нетрпение го чекаме стартот на Лигата на шампионките. Свесни сме дека ФТЦ лани ни зеде бод во Скопје и поради тоа сме многу внимателни. Сметам дека може да имаме оптоварување на психички план бидејќи е прв меч во сезоната, но верувам дека сме подготвени, иако во тренинзите не бевме комплетни бидејќи имавме проблеми со повредите. Од понеделникот сме комплетни. Целта е да направиме чекор повеќе од мината сезона, но треба да одиме чекор по чекор. Со агресивна обрана и мирен напад можеме да го победиме ФТЦ“, рече Радичевиќ.

Капитенот на тимот посочи дека најголемата опасност за Вардар е бековската линија на ФТЦ, поради што, како што рече „одбраната во средината ни е многу силна. Знаете, натпревар добивате ако играте добро во нападот, но за да освоите титула мора да играте добра одбрана“.

Натпреварот со ФТЦ се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ од 19 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП