5 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЈовиќ сака играчите од мачиња да се трансформираат во лавови

Јовиќ сака играчите од мачиња да се трансформираат во лавови

Без шефот на стручниот штаб, Лино Червар, Металург одржа прес-конференција во пресрет на натпреварот од третото коло во Лигата на шампионите против Спортинг Лисабон.

Екипата од Автокоманда сè уште е без победа во Лигата на шампионите, поради што фаворитската улога на овој натпревар им ја препуштаат на гостите од Лисабон. Инаку, тимот по непланираниот пораз од Бешикташ работеше под палката на Александар Јовиќ, но од клубот информираа дека шефот на стручниот штаб, Лино Червар, ќе го предводи тимот против Спортинг.

„Лино Червар е отсутен, тој е на седница на стручниот совет на хрватската ракометна репрезентација и се очекува во Скопје да пристигне доцна вечерва или утре претпладне и ќе биде тука за натпреварот со Спортинг“, информираат од клубот.

„Фаворитската улога ја има екипата на Спортинг, се работи за една искусна екипа која игра цврсто во одбраната и е многу опасна во транзиција. Моето видување во овој период додека работев со екипата е дека во еден колектив сите вработени имаат свои права и обврски. Од страна на клубот спрема нас, вработените, се исполнети сите обврски и мислам дека на овој натпревар треба ние да ги исполниме нашите обврски кон клубот, кон публиката и нашиот газда, кој сите овие години вложува во наша афирмација. Треба да завршиме со криење од типот имавме лош ден или имавме лошо судење. На овој натпревар треба да се трансформираме, односно од мачиња да станеме лавови. Само така ќе може да му се спротивставиме на Спортинг“, рече на прес-конференцијата првиот асистент на Червар, Александар Јовиќ.

Рецептот за победа, според Јовиќ, е максимална борбеност, односно цврста и ангажирана игра во одбраната и паметно и трпеливо во нападот, она што Металург го немаше против Бешикташ, кога ништо не функционираше во играта на тимот од Автокоманда.

„Проблем е кога имате млада екипа да го задржат континуитетот и да им се објасни каде грешат за да не ги повторуваат грешките. Имаме два порази во серија од Војводина и Бешикташ, а сметам дека сме поквалитетни од двете екипи“, дополни Јовиќ.

„Ракометот е колективна игра. Јас и соиграчите околу мене, ако имаме ‘свој ден’ и ако сè е во наша полза тогаш од еден вака млад тим може да се очекува победа. Меѓутоа, за поразот против Бешикташ сакам лично да понесам одговорност, соиграчите на теренот немаа помош од нас, голманите“, рече голманот Дарко Арсиќ.

Дуелот со Спортинг може да биде пресвртница во сезоната за Металург во Лигата на шампионите. Евентуална победа ќе ја подигне самодовербата, а со пораз шансите за висок пласман во групата ќе бидат сведени на минимум.

„Монпелје и Мотор Запорожје се фаворити за првите две позиции, ова сега е трето коло и ништо не е загубено. Нашиот план е преку овие мечеви во Лигата на шампионите и СЕХА лигата е да формираме играчи, а тоа е малку подолг процес кој бара трпение“, рече помошникот на Червар.

Натпреварот Металург-Спортинг Лисабон ќе се одигра в сабота од 17:30 часот, во арената „Борис Трајковски“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП