28 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОАнгеловски ги одреди фудбалерите за натпреварите против Италија и Лихтенштајн, Адеми се...

Ангеловски ги одреди фудбалерите за натпреварите против Италија и Лихтенштајн, Адеми се враќа во репрезентацијата

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, повика 23 фудбалери за последните два натпревари кои националниот тим ќе ги одигра во квалификациите за пласман на Светското првенство во Русија.

Македонскиот селектор се определи за речиси истите играчи кои беа повикани и за претходните два дуела (Израел, Албанија) и во националниот тим го врати фудбалерот на Динамо Загреб, Аријан Адеми.

„Среќен сум што еден таков фудбалер веќе на 7 октомври ќе има право да настапи за нашата репрезентација и ние мора да направиме сè што е во наша моќ, заедно со неговиот клуб Динамо, да ја врати натпреварувачката форма“, рече на прес-конференцијата селекторот Игор Ангеловски.

На списокот се наоѓа и Ферхан Хасани, кој беше повикан и на претходниот репрезентативен собир, односно за натпреварите со Израел и Албанија, но тогаш не настапи поради повреда.

Меѓу повиканите е и голманот на Работнички, Даниел Шишковски, кој ќе конкурира за голманската позиција заедно со Столе Димитриевски и Давид Митов Нилсон.

Кире Ристевски, поради жолти картони, нема да биде во комбинација за натпреварот во Италија, додека Елиф Елмаз и Никола Ѓорѓев ќе бидат со репрезентацијата до 21 година, која на 6 октомври игра квалификациски меч против Србија. Овие тројца ќе бидат во комбинација за натпреварот со Лихтенштајн на 9 октомври во Струмица.

„Италија е фаворит на овој натпревар, но јас се надевам дека моите фудбалери ќе одиграат уште еден квалитетен натпревар. Италија има доста поразлична репрезентација од онаа што настапи лани во Скопје и поразличен систем на игра. На изминатите натпревари со Шпанија и Израел посегнаа по систем 4-2-4, кој, најверојатно, го воигруваат за понатамошните натпревари“, рече македонскиот селектор дополнувајќи дека во фокусот е првиот меч со Италија, но дека не бега од фаворитската улога на вториот меч со Лихтенштајн.

Селекторот Ангеловски првиот собир го закажа за 2 октомври во Скопје. Мечот со Италија се игра на 6 октомври во Торино, а на 9 октомври Македонија ќе го пречека Лихтенштајн во Струмица.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП