Центарот на кошаркарската репрезентација на Грузија, Заза Пачулија, на американскиот новинар Дејвид Пик му рекол дека мечот против Италија е последен во неговата репрезентативна кариера.
Грузија настапот на Европското првенство го заврши во првата фаза иако по стартната победа над Литванија изгледаше дека оваа репрезентација може да биде најпријатното изненадување на Евробаскетот.
„Ми изгледа дека сѐ е готово. Беа ова одлични десет години во кои ја преставував својата земја. Имам сјајни спомени, остваривме некои големи победи. Секако дека имаше и порази, но впечатокот е позитивен. Само кога бев повреден, пропуштав големо натпреварување, но во овој период остваривме голем успех. Почнавме во Б-дивизијата, а сега сме разочарани што не ја минавме групната фаза“, рекол Пачулија.
„Растевме индивидуално, растевме како тим. Се гордеам што бев дел од сето тоа и мислам дека имаме што да им оставиме на помладите. Сега тие треба да продолжат по нашиот пат и да го носат државниот тим до уште подобри резултати. На крајот би сакал да му се заблагодарам на Израел на одличната организација. Натпреварот против домаќинот беше еден од најдобрите што сум ги одиграл, атмосферата беше неверојатна“, заклучил 33-годишниот центар, кој со Голден стејт е актуелен шампион во НБА-лигата.
Пачулија во својата НБА-кариера пред Голден стејт играше за Орландо, Милвоки, Атланта и за Далас.