Ракометарите на Металург во Панчево ја запишаа првата победа во новата сезона, во регионалната СЕХА лига. Во второто коло Металург го совлада домаќинот Динамо 25:20 (16:9).
Екипата на Лино Червар прашањето на победникот го реши во првата третина од првото полувреме, кога во почетните 12 минути постигна осум, а не прими ниту еден гол.
Во преостанатиот дел од натпреварот Металург рутински ја одржуваше предноста, која во 52.минута беше и двоцифрена (24:14). Динамо во последните осум минути, кога Металург го намали ритамот успеа да избори пристоен пораз.
Анѓелиќ и Пешевски со по пет голови го предводеа Металург, во чии редови најдобар беше голманот Арсиќ со 14 интервенции.
Металург во наредното коло ќе го пречека Нексе. Дуелот на програмата е на 10.септември.