Фудбалските репрезентации на Холандија и Шведска забележаа значајни победи во квалификациите за пласман на Светското првенство во Русија. Холанѓаните славеа против Бугарија 3:1, додека Шведска славеше во Белорусија 4:0.
Холанѓаните се опоравија од дебаклот против Франција и со победата над Бугарија, во Амстердам, се вратија во трката за втората позиција на табелата во А групата.
Холандија во раната фаза на мечот стигна до предност со голот на Пропер, во 67.минута Робен зголеми на 2:0, а Костадинов две минути подоцна намали на 2:1
Конечниот резултат го постави Пропер во 81.минута.
Шведска гостуваше во Минск и за едно полувреме ја обезбеди победата над Белорусија. Форсберг, Ниман и Берг до 37.минута и донесоа на Шведска комотна предност, а конечниот резултат го постави Гранквист во финишот на мечот од пенал.
По осум кола во А групата лидер е Франција со 16 бодови и натпревар помалку, ист број на бодови има и второтпласираната Шведска, Холандија е трета со 13, бод повеќе од Бугарија, Белорусија е претпоследна со пет, а Луксембург со натпревар помалку е на последното место во групата со четири бода.