10 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар подобар од Металург

Вардар подобар од Металург

Ракометарите на Вардар со победа во македонското дерби ја започнаа одбраната на титулата во СЕХА лигата. „Црвено-црните“, во СЦ „Борис Трајковски“ го победија Металург со 32:23 (16:11).

Актуелниот европски и СЕХА шампион Вардар на почетокто на сезоната ја истакна кандидатурата за одбрана на титулата во регионалната лига. Вардар на подмладениот Металург му дозволи да биде конкурентен само во првите седум минути кога резултатот беше 3:3, во наредните седум „црвено-црните“ со серија од пет гола се одлепија на пет разлика од противникот (8:3) со што само ја најави победата.

До финишот на првиот дел разликата се стабилизира на четири голови предност за Вардар, кога Борозан и Канељас направија нова максимална предност на „црвено-црните“ (16:10).

Металург вториот дел го отвори со два гола, но Вардар не му дозволи на противникот да се доближи на помалку од три разлика.

Во последните десет минути, поточно од 53. до 58.минута, Вардар максимално ја искористи лошата организација на нападите на Металург и одново со серија од пет гола создаде двоцифрена предност (30:20).

До крајот на мечот Металург успеа да избори пораз кој не е изразрн со двоцифрена разлика 32:23.

Вардар, иако некомплетен, на овој натпревар ги демонстрираше своите најсилни оружја, цврстата одбрана и брзата транзиција.

„Имавме сериозен пристап во текот на сите 60 минути, не се опуштивме во ниту еден момент, сигурно дека нашата форма не е на највисоко ниво“, рече по мечот голманот на Вардар Страхиња Милиќ, кој натпреварот го заврши со шест интервенции.

„Ова беше тежок натпревар, секогаш првите натпревари се тешки. Нашата одбрана 6-0 со голманот Милиќ делуваше добро. Нашиот тим е речиси ист како минатата сезона што не е случај со Металург каде има нови и малди играчи на кои ќе им треба време да се воиграат. Честитки за противникот“, рече вардаровиот тренер Раул Гонзалес.

Од друга страна Металург кој од оваа сезона има нова бековска линија се мачеше со организацијата на нападите, а единствено што функционираше во тимот на Лино Червар беше соработката со кружните напаѓачи.

„Вардар беше многу подобар противник, ние во одреден момент можевме да парираме, но потоа до израз дојде нивниот квалитет. Ние останавме без надворешните играчи во пресрет на сезоната и сега мораме со овие млади играчи да се обидеме нешто да направиме“, рече тренерот на Металург Лино Червар.

На овој меч за првиот тим на Металург дебитираа Танкоски и Серафимов и двајцата се запишаа меѓу стрелците.

Дибиров со пет, пдносно Борозан и Македа со по четири гола го предводеа Вардар, додека Металург го предводеше Пешевски со пет гола, додека Анѓечиќ постигна четири.

Во наредното коло на 5.септември Вардар ќе го пречека Горење, а ден подоцна Металург ќе гостува во Панчево кај Динамо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП