12 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЦветановски: ЕХФ потврди дека Обрадовиќ е играч на Металург

Цветановски: ЕХФ потврди дека Обрадовиќ е играч на Металург

Сагата за најдобриот ракометар на Металург минатата сезона, Немања Обрадовиќ, ќе продолжи и во наредните денови. Обрадовиќ сака да замине во Полска, во Висла, иако има договор со Металург и за оваа сезона.

На прес-конференцијата во пресрет на првиот меч оваа сезона, дуелот со Вардар во СЕХА-лигата, претседателот на клубот, Зоран Цветановски, и тренерот Лино Червар, одговорија на прашањето за статусот на Обрадовиќ.

„Најновиот момент е од вчера и Европската ракометна федерација (ЕХФ) потврди дека Обрадовиќ има валиден договор со Металург до идната година (јуни, 2018 година). Немања е жртва на своите лоши убедувања и на манипулации на менаџери, меѓутоа тоа е нивни проблем. Металург останува на ставот, кој не е променет. Ние излеговме со компромисен предлог, го намаливме обесштетувањето од 50.000 евра на 35.000 евра, но и тоа е неприфатливо и за Висла и за нив. Вчера беа предупредени, преку писмо, дека Металург е единствениот субјект кој во целата ситуација е исправен и дека нема никаква вина од наша страна. Од она што го имам како сознание и што го читам по медиумите, таму во Белград се даваат некакви очајнички изјави. Металург никогаш не се однесувал нечовечки, особено во оваа ситуација кога на Немања му беа дадени сите услови. Тој овде беше третиран како најдобар играч, но ова сега е нивен проблем“, рече претседателот на Металург.

Најдобра варијанта за Металург е да се оди пред арбитражната комисија, но за другата страна тоа не е опција бидејќи сите аргументи се на страната на македонскиот клуб.

„На арбитража може да се оди, но тие се свесни дека тоа таму нема да помине, аргументите се на страната на Металург, а втора опција е Обрадовиќ да паузира една година, што би било огромна штета за сите, а најмногу за играчот. Постои опција да се врати во Металург, тој сепак е играч на Металург, но сега работите се премногу комплицирани. Доколку тој сега се јави и дојде, ќе треба да седнеме да разговараме и да видиме што понатаму, како би се однесувале ние кон Обрадовиќ и Обрадовиќ кон нас. Тоа во овој момент не е тема на разговор. Но, теоретски постои и таа можност“, дополни Цветановски.

„Жал ми е што дојде до ова. Го примивме овде, тој дојде во март, кога му откажаа во Франција, тогаш не можеше да игра за нас. Неколку месеци го третиравме како наш, му дадовме стан, примаше плата… и сега ни е жал што ова се случи. Се согласувам со претседателот, можеби тоа сѐ е до менаџерите, сакаат набрзина да продадат нешто, да заработат пари“, рече тренерот на Металург, Лино Червар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП