3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМеталург: Вардар е фаворит, но нема да се предадеме

Металург: Вардар е фаворит, но нема да се предадеме

Македонските тимови Металург и Вардар викендов официјално ќе ја започнат новата ракометна сезона. Металург ќе го пречека европскиот првак во воведното коло, во регионалната СЕХА-лига. По тој повод шефот на стручниот штаб на Металург, Лино Червар, заедно со играчите Филип Кузмановски и Халил Јагањац одржа прес-конференција.

„Оваа година Металург има поинаков состав. Ги нема Обрадовиќ, Младеновиќ, Веин, го нема Марчец. Малку ја сменивме структурата на екипата, тука е Халил Јагањац, кој е кадетски репрезентативец на Хрватска. Се обидовме да направиме рамнотежа во старосната граница. И оваа година го имаме најмладиот тим и во СЕХА-лигата и во Лигата на шампионите. Во првиот тим приклучивме неколку млади играчи: Серафимов, Танковски, Димитровски, Шилегов. Откривме дека на овие момци им се потребни натпревари така што со нив ќе комбинираме, ќе играат во СЕХА кога ќе процениме дека треба да играат, ќе играат и во Лигата на шампионите и во националното првенство. Сакаме да тренираат со првиот тим и да играат на што е можно повеќе натпревари“, рече стратегот на Металург и дополни дека противникот е апсолутен фаворит на претстојниот натпревар.

„Секако дека тие се големи фаворити, ние тоа го знаеме. Ќе се обидеме да покажеме дека имаме волја и желба да му се спротивставиме на апсолутниот фаворит. Би сакал, со целиот можен респект кон противникот нашите момци да прикажат повеќе, да се обидат да дадат достоен отпор. Малку сме послаби шутерски, сепак Обрадовиќ ни ја нудеше ширината на искуството, но сега ја имаме ширината во младоста, што е добро. Сега не треба да зборувам за квалитетот на Вардар. Тоа е екипа што добро е тренирана, добро водена на теренот. Мислам дека ќе имаме многу проблеми со нивната обрана, високи се и брзи, добро ги играат двете одбрани (6-0, 5-1), одлични се во транзиција. Но, ова се работите што сите тимови во Европа ги знаат“, рече Червар.

Хрватскиот тренер потенцира дека ќе бара од своите ракометари да бидат 100 отсто концентрирани и борбени не само на овој меч туку во целата сезона.

Фаворитската улога на Вардар му ја препушти и капитенот на тимот Кузмановски, кој ги повика ракометните фанови да дојдат во што е можно поголем број во арената „Борис Трајковски“.

„Имаме чест првиот официјален натпревар да ни биде против европскиот првак. Имавме добри подготовки, во Маврово, одигравме добар турнир во Струга, финиширавме со седумдневни подготовки во Охрид. Ова е млада екипа, повеќе работевме на тактиката. Иако СЕХА-лигата дојде некако набрзина, мислам дека сме подготвени“, рече Филип Кузмановски.

Пред ракометната јавност денес првпат се појави и Халил Јагањац, кој во Металург пристигна во преодниот рок од редовите на ПСЖ.

„Драго мие што сум во Металург. Ова е голема можност да направам позитивен скок во мојата кариера, да играм во две силни натпреварувања. Мислам дека со ваков стручњак, каков што е Лино, млад играч може само да напредува. Се надевам дека против Вардар ќе бидеме борбени“, рече Јагањац.

Македонското дерби, кое ќе се одигра во рамките на првото коло во СЕХА-лигата, на програмата е в сабота (17.45 часот) во СЦ „Борис Трајковски“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП