2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЧетворица нови играчи во РК Прилеп

Четворица нови играчи во РК Прилеп

Ракометниот клуб „Прилеп“ ги засили своите редови со четворица нови играчи. Од клубот велат дека нивните амбиции за оваа година се да создадат конкурентен и квалитетен тим, да се вложува во младите категории (младинските и кадетските) и клубот да избори пласман во плејофот. Членовите на РК „Прилеп“ денеска остварија и средба со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

„Сакам да искажам голема благодарност до нашите поддржувачи – Општина Прилеп, мермерниот комбинат, „Витаминка“, конфекцијата „Кули“ и други. Нашите амбиции за оваа година се да создадеме конкурентен и квалитетен тим, да вложиме во младите категории, младинските и кадетските, да се добијат добри играчи и да бидеме рамо до рамо со екипи како „Охрид“, „Работник“, „Пелистер“…. да има квалитетни натпревари и во ова пригода ги поканувам сите љубители на ракометот од Прилеп да бидат малку поактивни и да нѐ посетуваат на секој натпревар“, истакна Ице Чолаков, спортски директор во РК „Прилеп“.

Новите играчи велат дека иако се тука малку време, се чувствуваат како дома, им се допаѓа како функционира самиот клуб и велат дека ќе дадат сѐ од себе РК „Прилеп“ да влезе во плејофот.

„Го прифатив повикот на РК „Прилеп“ да дојдам тука како засилување на нивните редови. Клубот е многу сериозен, доста се работи, не сум многу тука, но можам да кажам дека засега немам никаква забелешка. Сите ме прифатија како да сум цел живот со нив. Клубот има големи амбиции, исто ми се допаѓа и градот Прилеп, ме почитуваат луѓето и мислам дека со работа можеме да дојдеме до плејофот“, кажа Петар Шаин, засилување на РК „Прилеп“ од Србија.

„По потекло сум од Струга, имам настапувано во повеќе клубови во македонската Суперлига. Последно настапував за Пелистер, потоа бев слободен играч. Добив покана од РК „Прилеп“, најдовме заеднички јазик и договор и се надевам дека ќе соработуваме успешно и ќе ги оствариме целите, а тоа е влез во плејофот“, рече Константин Вешоски, ново засилување на РК „Прилеп“.

Градоначалникот Ристески им посака големи успеси оваа сезона и потенцира дека локалната самоуправа и понатаму ќе биде еден од главните спонзори и поддржувачи на РК „Прилеп“ и воопшто на целиот спорт во општината.

„Денеска во Општина Прилеп беа присутни новите засилувања на РК „Прилеп“, задоволство е што клубот во овој преоден период за новата сезона се засили со 4 нови играчи. Костурот на екипата е претежно со играчи од Прилеп, што значи прилепскиот ракомет има добра иднина, а тоа укажува на доброто и домаќинско работење во клубот и продуцирање млади кадри кои во иднина треба да бидат носечки во овој клуб. Мислам дека љубителите на ракометот ќе уживаат во оваа сезона со добри натпревари, а ние како локална самоуправа и понатаму остануваме едни од главните спонзори на РК „Прилеп“ заедно со неколкуте други приватни компании. Нашата цел беше да се вратат повторно на сцена оние два големи спорта – ракометот и фудбалот, во Прилеп и мислам дека тоа постепено го постигнуваме. А оваа година со добри игри може да влеземе и во плејофот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП