23 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОНејмар: Сакам да му помогнам на ПСЖ да освојува трофеи

Нејмар: Сакам да му помогнам на ПСЖ да освојува трофеи

Трансфер-сагата, чиј епилог е најголемиот договор во историјата на фудбалот, официјално заврши во петокот кога ПСЖ како ново засилување го претстави Бразилецот Нејмар. Клубот од Париз за услугите на Нејмар на Барселона ѝ плати 222 милиона евра.

„Среќен сум. Благодарен сум што имам нов предизвик, среќен сум што дојдов во Париз, во ПСЖ, голем клуб и одличен град. Овде дојдов бидејќи имаме слични амбиции. Сакам голем предизвик. Моето срце избра, јас само го следев. Поради тоа сум тука. Сакам да му помогнам на клубот да освојува трофеи“, рече Бразилецот.

„Во Париз дојдов поради предизвикот, не поради парите. Не избегав од Барселона, таму добро се вклопив. Не барам да добијам статус на ѕвезда. ПСЖ заслужува да освојува трофеи, а јас со овој клуб ќе освојам нови титули, во Барселона освоив сè што можеше да се освои“, дополнил Нејмар.

Првиот човек на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, на прес-конференцијата не го криеше задоволството што клубот успеа да го ангажира Бразилецот.

„Нејмар е идол на фудбалските фанови ширум светот. За мене тој е најдобриот во светот. Веќе ни донесе многу позитивни работи. Нашите навивачи сонуваа дека тој ќе дојде овде, сега сонот стана стварност. Нејмар потпиша за нас за да освојуваме трофеи и да испишуваме нови страници во историјата. Ти благодарам Нејмар. Добредојде во својот нов дом“, рекол Ал-Келаифи.

Нејмар потпиша петгодишен договор со ПСЖ, до јуни 2022 година, а годишно ќе заработува 45 милиони евра.

Во новиот клуб ќе го носи дресот со бројот 10.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП