Актуелниот македонски шампион, Вардар, не беше миленик на среќата на денешната ждрепка за плејофот во Лига Европа. Во конкуренција на Ајакс (Холандија), Лудогорец (Бугарија), БАТЕ Борисов (Белорусија), Динамо Загреб (Хрватска) и Макаби Тел Авив (Израел), „црвено-црните“ го извлекоа најсилниот противник, турскиот великан Фенербахче.
Фенербахче е еден од најпопуларните и најтрофејни турски клубови и е редовен учесник во европските купови. Последен пат не играл во фазата по групи во Лигата на шампионите или Лига Европа пред 11 години, а во овој период само еднаш не играл во еврокуповите, и тоа поради суспензијата на УЕФА.
„Добивме силен противник, но не се плашиме. Ќе одиме да се надигруваме со нашиот ривал. Станува збор за екипа составена од играчи кои играле во најсилните првенства и секогаш имаат фудбалски ѕвезди. Мислам дека ќе бидат два добри натпревара пред многу публика, и во Скопје и во Истанбул. Досега на сите натпревари одевме со цел. Полни сме со оптимизам, веруваме дека можеме да го поминеме Фенербахче. Против секој тим даваме максимум, така ќе биде и на овие два натпревара“, вели за клупската интернет-страница најдобриот стрелец на Вардар во досегашниот тек од натпреварите на европската сцена, Бобан Николов.
Во изминатата деценија Фенербахче бил учесник во едно четврт-финале во Лигата на шампионите и полуфинале во Лига Европа.
„Фенербахче е силен противник, еден од најсилните што можеа да ни се паднат. Секоја година игра во групна фаза во Европа и секоја сезона се бори за титулата во Турција. Ќе бидат два интересни натпревара, верувам дека трибините ќе бидат полни и на двата меча и ќе играме пред добра атмосфера. Противникот е силен, меѓутоа ќе одиме да се надигруваме, ќе се обидеме да направиме добар резултат и да влеземе во групната фаза од Лига Европа“, изјавил Стефан Спировски.
Фенербахче е тим составен од искусни фудбалери, турски репрезентативци и странци, од кои најпознато е името на Робин ван Перси. Член на турскиот великан од пред две недели е и македонскиот репрезентативец Елиф Елмаз.
Дресот на Фенер го носат и Чилеанецот Маурисио Исла, Словаците Мартин Шкртел и Мирослав Штох, францускиот ас Матие Валбуена, Холанѓанецот Грегори ван дер Вил, Бразилците Фернандао и Де Соуза.
Од турските играчи најпознати се имињата на голманот Волкан, потоа Топал, Потук, Туфан, Али Кладрим.
„Да бидам искрен, од петте екипи што беа можни противници, ни се падна најтешкиот тим за ривал. Тоа е што е, одиме да се надигруваме и се надеваме дека ќе излезе добро за нас. Покажавме дека во Лигата на шампионите можеме да парираме, освен во оние лоши последни 15 минути во Копенхаген, кои треба да ги заборавиме. Нашата цел е да пројдеме. Не стравуваме од Фенербахче, иако имаат добри играчи и големи фудбалски ѕвезди. Фудбалот е тимски спорт, а не индивидуален. Нè краси тимски дух и се надевам дека ќе излеземе како победници од двата натпревара“, изјави Дамир Којашевиќ.
Првиот меч, на 17 август, Вардар ќе го игра на домашен терен, а една недела подоцна ќе гостува во Истанбул.