ИНТЕРЕСНО

Поради повреда светскиот рекордер Рудиша нема да трча во Лондон

Кениецот Дејвид Рудиша, поради повреда, нема да учествува на Светското првенство во атлетика.

Актуелниот светски и олимписки шампион на 800 метри на својот профил на „Твитер“ напишал дека е разочарувачки и тажно што ќе го пропушти светското првенство.

Кениецот пред десет дена изјави дека е возбуден што ќе се врати во Лондон каде што пред пет години на Олимписките игри постави светски рекорд на 800 метри (1:40.91 минути).

Рудиша е првиот и засега единствениот атлетичар кој 800 метри претрчал за помалку од 1 минута и 41 секунда.

Во кариерата освоил по два златни медала на светските првенства во Даегу 2011 и во Пекинг 2015 година и на Олимписките игри во Лондон 2012 и во Рио 2016.

Светското првенство во атлетика ќе се одржува во Лондон од 4 до 13 август.