22 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДавитков: Мора да се подготвиме и за некошаркарски игри на Косово

Давитков: Мора да се подготвиме и за некошаркарски игри на Косово

Кошаркарската репрезентација в среда ќе го почне настапот во претквалификациите за Светското првенство во 2019 година. Противници на Македонија се Косово и Естонија, а првиот меч избраниците на селекторот Јорданчо Давитков ќе го одиграат в среда на Косово.

По 40 дена подготовки македонските кошаркари на 2 август ќе стартуваат во претквалификациите за Мундијалот во 2019 година. Првиот противник е Косово, селекција во која се издвојуваат Бериша, Кастрати и Морина.

„Подготвени сме и имаме голема желба да да го постигнеме она што сите го сакаме, а тоа е пласман во квалификациите за СП. Мечот со Косово е прв, но според мене, не е најзначајниот, најважено на 16 август кога го играме последниот меч во Естонија да имаме пласман во квалификавциите“, рече на прес-конференцијата селекторот Давитков.

Предводникот на Македонија информира дека за првиот меч нема да може да смета на повредените Крстевски и Стајиќ, не заборавајќи да потенцира дека очекува „пеколна“ атмосфера.

„Свесни сме под каков притисок ќе бидеме. Ќе мора да се прилагодиме и на атмосферата и на судискиот критеруим. Косово не е репрезентација која поседува некој врвен квалитет, но исто така не е ниту селекција која треба да се потцени и се опасни на домашен терен. Најважно за нас е да ја повториме играта во одбраната од трите средби во Скопје. Мора да бидем мирни, да бидеме фокусирани на натпреварот, мислам дека дефанзивни тие не поседуваат квалитет со кој можат да ги спречат нашите шутери“, рече селекторот.

Тешко гостување очекува и капитенот на националниот тим, Војдан Стојановски, кој поради полесна повреда го пропушти последниот контролен меч со Бугарија.

„Ние сме подготвени и физички и психички, ќе дадеме сè од себе за да ги минеме претквалификациите. Верувам дека имаме квалитет против Косово да одиграме квалитетен натпревар и да победиме“, рече Стојановски.

Инаку, селекторот и капитенот ја искористија прес-конференцијата за да ги повикаат навивачите да ја исполнат арената „Борис Трајковски“ на мечевите кога во Скопје ќе гостуваат Естонија и Косово.

„Да не дозволиме на мечот со Естонија, а потоа и против Косово, да се чувствуваме како да играме на гостински терен“, рече Давитков.

Натпреварот Косово-Македонија ќе се одигра в среда, во Приштина со почеток во 20:15 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП