Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина (КС БиХ) се наоѓа во големи финансиски проблеми поради што неизвесен е настапот на репрезентацијата на „Трофеј Македонија“.
Потпретседателот на КС БиХ, Сејо Буква, истакнал дека не е исклучено репрезентацијата поради финансиските проблеми да ги пропушти претквалификациите за Светското првенство во 2019 година.
„Водата ни е до грло. Нè притиснаа даноците и долговите од минатото. На сметката на Сојузот салдото е нула и поради тоа ќе мораме да го откажеме настапот на репрезентацијата на турнирот во Македонија“, рекол Буква.
„Ова е резил, кој може да биде и поголем доколку бидеме принудени да ги откажеме официјалните настапи на нашите репрезентативци на меѓународната сцена. Доколку нешто рапидно не се смени во наредните денови, а каква е ситуацијата не сум оптимист, под знак прашалник е и настапот на сениорите во претквалификациите за Светското првенство“, дополнил Буква.