4 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДамјан Стојановски: Во МЗТ сум како дома

Дамјан Стојановски: Во МЗТ сум како дома

Дамјан Стојановски зад себе остави тешка сезона, која во целост ја пропушти поради повреда. Репрезентативецот на Македонија успешно заздрави од повредата, пред две недели потпиша нов договор со МЗТ Скопје Аеродром и со нетрпение го очекува стартот на новата сезона.

Дамјан Стојановски во интервју за интернет страницата на МЗТ говори за сезоната што ја пропушти поради повреда, за очекувањата во наредното првенство, претквалификациите кои ќе ги игра македонската репрезентација.

„Една сезона не бев под договор, но се чувствувам како воопшто да не сум заминал од ’Јане Сандански’. Едноставно, тука сум како дома со оглед што одамна немам настапувано за друг клуб освен за МЗТ Скопје Аеродром. Периодот го искористив да се вратам по незгодата што ме снајде на средбата со Велика Британија во дресот на македонската репрезентација. Најтешкиот дел по повредата е зад мене. Рехабилитацијата минува одлично, засега сѐ е како што треба и сигурен сум дека ќе бидам максимално подготвен за стартот на новата сезона“, вели Стојановски.

Репрезентативец очекува тешка сезона, а му се допаѓаат најавите на управата на клубот за формирање костур на тимот од македонски кошаркари.

„Пред нас е напорна сезона во која нѐ очекуваат многу тешки натпревари поради што е потребно добро да се подготвиме. АБА-лигата ќе биде исклучително силна, најмногу поради намалувањето на бројот на екипи што ќе учествуваат, со што ќе се вжешти битката како за врвот така и за дното од табелата. Без разлика што сѐ уште сме далеку од комплетирањето на тимот, мислам дека ќе имам состав кој ќе може да им парира на противниците од регионот и дека со малку повеќе среќа ќе имаме подобар настап во однос на минатата сезона. Ми се допаѓа интенцијата носители во тимот да бидат домашни играчи, што е добро како за МЗТ Скопје Аеродром така и за македонската кошарка воопшто“, дополнува бекот-шутер.

За Дамјан нема дилеми, нападот на двата домашни трофеи е приоритет за МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона.

„Освојување на титулата и враќањето на пехарот од Купот на Македонија дефинитивно се нашите приоритети за следната сезона, а кои се надевам дека ќе успееме да ги оствариме. Во првенството мора да почнеме силно уште од самиот старт и да покажеме дека немаме намера да се откажеме од доминацијата. Купот, пак, е специфично натпреварување во кое се можни изненадувања, за што МЗТ Скопје Аеродром е најдобар пример. Но, сигурен сум дека екипата во целост ќе ги проучи слабостите од годинешниот завршен турнир во Кавадарци и дека ќе го вратиме победничкиот пехар онаму каде што му е местото, во витрините на нашиот клуб“, објаснува повратникот во сино-белиот дрес.

Стојановски нема да биде дел од репрезентацијата на Македонија летово во дуелите од претквалификациите за СП 2019 поради рехабилитацијата од повредата, но најавува дека ќе биде најбучниот навивач на своите репрезентативни колеги меѓу кои е и неговиот брат-близнак, Војдан.

„Косово и Естонија се селекции кои треба да се сфатат максимално сериозно. Денеска едноставно нема лесни противници на европската кошаркарска сцена. Најдобар пример за ланските квалификации за ЕП кои се надевавме дека лесно ќе ги поминеме, но на крајот завршивме полошо и од најцрните очекувани сценарија. Само со максимален пристап и огромна желба може да стигнеме до посакуваното, а тоа е минување на претвалификациското сито. Тешко ми е што не можам да им помогнам на соиграчите, повредата не ми дозволува да настапам, но ќе им стискам палци на моите репрезентативни другари со ветување дека ќе бидам најгласен навивач во нивниот обид да се мине овој сериозен предизвик“, завршува Стојановски.

Еден од тројцата браќа од кошаркарското семејство Стојановски во таборот на МЗТ Скопје првпат дојде до 2012 година, а претходно има играно за АМАК-СП, Вардар осигурување и бугарски Лукоил Академик. Во својата ризница трофеи досега има четири шампионски титули во Македонија и две во Бугарија, како и пет пехари во Купот на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП