Двајца играчи на Спортинг Лисабон наскоро ќе се преселат во Арсенал, објави британскиот сервис Би-би-си, повикувајќи се на португалскиот весник „А Бола“.
Трансфер цел на Арсенал се Желзон Мартинс и Вилијам Карваљо, чии настапи подолго време ги следи менаџерот на „топџиите“, Арсен Венгер.
За овие двајца фудбалери Спортинг бара 70 милиони евра, сума која Арсенал е подготвен да ја плати.
Желзон Мартинс игра на позцијата десно крило, но може да одигра и како десен бек. Тој има 22 години, а минатата сезона одиграл 43 натпревари за Спортинг.
Вилијам Карваљо е дефанзивен играч за врска, а на пошироката јавност ѝ стана познат во 2014 година кога беше на чекор до трансфер во Манчестер Јунајтед.