30 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОРакометарите изборија пласман на ЕП во Хрватска

Ракометарите изборија пласман на ЕП во Хрватска

Македонската ракометна репрезентација избори пласман на Европското првенство во Хрватска. Во решавачкиот натпревар Македонија ја декласира Чешка 33:20 (16:10) и квалификациите ги заврши како првопласирана во Групата 4.

Македонските ракометари одиграа брилијантен натпревар, целосно ја надиграа чешката селекција и заслужено изборија пласман на ново големо натпреварување, во случајов Европско првенство, кое во јануари наредната година ќе се одржи во Хрватска.

Дека ништо нема да му препуштат на случајот избраниците на селекторот Раул Гонзалес покажаа уште на почетокот на натпреварот, имаа 3:1 по пет минути, потоа 7:4 и 10:7, а во финишот на првиот дел ја достигнаа максималната предност за овој период од играта 16:10.

Капитенот Лазаров го носеше тимот во првиот дел, тој за 30 минути постигна девет од 16-те гола на македонската репрезентација.

Доколку Чесите имаа некои надежи дека ќе можат да внесат неизвесност во натпреварот, тие згаснаа по само три минути игра во второто полувреме кога Македонија имаше 18:10.

На половина од вториот дел Македонија стигна до двоцифрена разлика 24:14. Првите 15 минути од второто полувреме му припаднаа на голманот Ристовски, кој имаше неколку неверојатни интервенции.

До крајот на мечот ракометната рапсодија беше зачинета со неколку атрактивни „цепелини“, одбрани на голманот Ристевски и неверојатната атмосфера во арената „Борис Трајковски“.

Лазаров беше најефикасен со 11 голови, шест постигна Манасков, а голманот Ристовски заврши со 15 успешни интервенции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП