Младите македонски фудбалери, денеска, во 14 часот, ќе отпатуваат за Полска, каде од 16 јуни до 2 јули ќе се одржува Европското првенство за играчи до 21 година.
Покрај Македонија, која е дебитант, на ЕП ќе учествуваат уште 11 други селекции. Репрезентациите се поделени во три групи, секоја брои по четири селекции, а пласман во полуфиналето ќе изборат победниците на групите и една вторпласирана репрезентација.
Македонија за противници во групата ги доби Шпанија, Србија и Португалија.
„Одлично се чувствуваме и, што е најважно, сите се здрави и подготвени. Групата е силна, нашите противници поседуваат огромен индивидуален квалитет, но ние нема да ги менуваме пристапот и концепцијата. Ќе играме со истиот дух и истата желба за успех како што правевме во квалификациите“, рече пред заминувањето селекторот Благоја Милевски.
Македонија првиот меч ќе го одигра на 17 јуни против Шпанија, три дена подоцна ќе игра против Србија, а на 23 јуни противник на избраниците на Милевски ќе им биде Португалија.