18 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДиего Коста: Конте не ме сака во тимот

Диего Коста: Конте не ме сака во тимот

Напаѓачот на Челзи, Диего Коста, открил дека менаџерот на тимот, Антонио Конте, му порачал дека не го гледа во тимот во наредната сезона.

Бразилецот со шпански пасош минатата сезона беше еден од најзаслужните за титулата во Премиер лигата, тој постигна 20 голови на 35 натпревари.

Изминатите месеци медиумите шпекулираа дека тој ќе замина во Кина, но самиот демантираше со изјавата дека доколку не остане во Челзи, ќе се врати во Атлетико. Опцијата со Атлетико повеќе не е реална бидејќи неговиот поранешен клуб поради казната на ФИФА не смее да реализира трансфери во овој преоден рок.

„Јас сум играч на Челзи, но тие не сакаат да останам тука. Конте со СМС ми порача дека не сум во плановите за наредната сезона. Мојот однос со менаџерот изминатата сезона беше лош. Веќе ги известив луѓето во клубот. Ќе најдам нов тим“, рекол Коста.

Челзи во 2014 година на Атлетико му плати 32 милиони фунти за Диего Коста. За три сезони тој постигна 58 голови на 119 натпревари, колку што одиграл во синиот дрес.

Одговорајќи на новинарско прашање дали е можно враќање во Атлетико, во ситуација кога клубот има забрана за трансфери, тој не ја исклучи таа можност.

„Пет месеци без фудбал? Не знам, комплицирано е сето тоа, но луѓето знаат дека го сакам Атлетико и дека го сакам животот во Мадрид. Би било убаво да се вратам, но 4-5 месеци без фудбал, тоа е тешко. Наредната година е светското првенство, морам да мислам и на тоа. Морам да играм“, рекол 28-годишниот фудбалер.

Клубот во јануари го суспендира Коста поради несогласувањата кои тој ги имал со кондицискиот тренер. Тогаш се засилија шпекулациите дека тој ќе се пресели во Кина, во Тјанџин за годишна плата од 30 милиони евра, но тогаш Челзи не сакаше да го продаде.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП