12 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОБез голови на натпреварот Македонија - Турција

Без голови на натпреварот Македонија – Турција

Фудбалските репрезентации на Македонија и Турција вечерва одиграа 0:0 во пријателски натпревар на Националната арена „Филип Втори“.

Избраниците на Игор Ангеловски го надиграа реномираниот противник, особено во второто полувреме, но за жал ниту еднаш не успеаја да го совладаат турскиот голман Бабакан.

Во првото полувреме најчесто се играше на средината од теренот, но ниту еден од тимовите не успеа да воспостави превласт.

Ниту една од репрезентации не успеа да создаде чиста шанса за постигнување на гол, па голманите Столе Димитриевски и Волкан Бабакан речиси и да немаа работа.

Македонија во 19.минута постигна гол, преку Мојсов, но тој беше поништен поради офсајд.

Македонија во второто полувреме успеа да притисне, целосно ја контролираше играта, а во 53.минута мрежата на Бабакан се тресеше уште еднаш, но и овој пат голот беше поништен поради офсајд. Алиоски упати удар од работ на шеснаесетникот, но капитенот Пандев со своето движење го попречи турскиот голман, поради што голот беше поништен.

Во продолжение Стјепановиќ беше во добра шанса, но Кан во последен момент исфрли во корнер, а истиот играч го спаси својот гол и во ситуација кога Пандев се подготвуваше да го совлада Бабакан.

Шансата на натпреварот ја имаше Тричковски, во 85.минута, кога излезе сам пред Бабакан кој не дозволи да биде совладан.

„Честитки за моите играчи, игравме добро, на Турција не и дозволивме да создаде ниту една шанса. Ние имавме неколку добри можности за постигнување гол, два гола ни бе поништени, но тоа не би го коментирал. Некои варијанти кои ги одигравме вечерва ќе ни послужат и за Шпанија. Мене ми е важно што на секој меч играме офанзивно, верувам во овие фудбалери. Мислан дека заслужуваме поголема поддршка, на овие момци тоа им е потребно, поддршка од трибините“, изјави селекторот Ангеловски.

Дуелот против Турција беше последна проверка за македонските фудбалери пред квалификацискиот натпревар в недела против Шпанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП