Италијанскиот Јувентус загуби финалето во Лигата на Шампионите од Реал Мадрид со 1:4, но за сметка на тоа клубот може да се пофали дека ги собра највисоките приходи од овогодинешното издание на турнирот, пресметува Специјализираниот сајт „football-italia.net“.
„Старата Дама“ заработила 109 милиони евра за време на сезоната. Ова ги вклучува приходите од спонзорите, телевизиските права и продажбата на билети.
Во исто време победникот, Реал Мадрид е далеку наназад во ова рангирање, така што ќе се задоволи со 80,9 милиони евра од учеството во турнирот.
Јувентус е и првиот клуб кој ја минува границата од 100 милиони евра приходи од Лигата на Шампионите. Големо значење за тоа има фактот дека на турнирот учествуваа само 2 италијански тимови, но Рома отпадна уште во прелиминарните кругови. Така пазарниот удел на „бјанконерите“ беше поголем и тие мораа да ги делат приходите од ТВ правата единствено со Наполи.
Тимот од Неапол исто така може да се пофали со доста солидни приходи од учеството во Лигата на Шампионите. Клубот заработи 65,7 милиони евра во оваа сезона.
За споредба, учесникот во полуфиналето Атлетико Мадрид ќе мора да се задоволи со приходи од 59,9 милиони евра.