3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМилевски ги објави седумте „среќници“ кои ќе патуваат со „хероите“ на ЕП...

Милевски ги објави седумте „среќници“ кои ќе патуваат со „хероите“ на ЕП во Полска

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година, Благоја Милевски, во понеделникот одржа брифинг со новинарите на кој го соопшти конечниот список на фудбалери кои ќе патуваат на Европското првенство кое ќе се одржи во Полска.

Селекторот на македонските надежи минатата недела објави список со 17 имиња, како сигурни патници за Полска, а по одработените тренинзи и неделниот натпревар на генерацијата 96/97, првичниот список го надополни со уште седум имиња: Елиф Елмаз (Работнички), Давор Здравковски (Македонија ЃП), Тихомир Костадинов (Злате Моравце, Словачка), Алекса Амановиќ (Јавор, Србија), Филип Илиќ (Гандзасар, Ерменија), Јован Попзлатанов (Пелистер) и Петар Петковски (Вардар).

„Според планот, денеска го објавувам списокот на играчи кои ќе патуваат на ЕП во Полска. На оние 17 кои претходно ги објавивме, им приклучивме уште седум играчи од новата генерација 96/97. Мислам дека сите со своите игри низ квалификациите и со својот однос кон македонскиот дрес во целост го заслужија повикот. Секако дека овие седуммина ќе бидат едни од носителите на играта и во наредниот квалификациски циклус, кои почнуваат во септември“, рече селекторот Милевски.

Младите фудбалери подготовките ги почнаа во неделата, а за Полска ќе отпатуваат на 12 јуни, првиот меч ќе го одиграат против Шпанија на 17 јуни. Покрај овие две репрезентации во групата се наоѓаат уште Србија и Португалија.

На ЕП за играчи до 21 година учествуваат 12 селекции, тие се поделени во три групи со по четири репрезентации, а пласман во полуфиналето ќе изборат победниците на групите и една второпласирана репрезентација.

Претходно, на неговиот список се најдоа следните 17 имиња.

Голмани: Игор АЛЕКСОВСКИ (Вардар), Дамјан ШИШКОВСКИ (Работнички);

Одбрана: Ѓоко ЗАЈКОВ (Шарлроа, Белгија), Дарко ВЕЛКОВСКИ (Вардар), Висар МУСЛИУ (Ренова), Мевљан МУРАТИ (Шкендија), Егзон БЕЈТУЛАИ (Шкендија), Бесир ДЕМИРИ (Вардар);

Среден ред: Бобан НИКОЛОВ (Вардар), Енис БАРДИ (Ујпешт, Унгарија), Давид БАБУНСКИ (ЈОКОХАМА, Јапонија), Даниел АВРАМОВСКИ (Олимпија, Словенија);

Напад: Марјан РАДЕСКИ (Шкендија), Виктор АНГЕЛОВ (Ујпешт, Унгарија), Никола ЃОРЃЕВ (ГРАСХОПЕРС, Швајцарија), Филип ПИВКОВСКИ (Ландскрона, Шведска ), Кире МАРКОСКИ (Работнички)

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП